Мечот во Скопје почна со краток инцидент во гостинскиот сектор, каде редарската служба реагираше по што настана метеж.
Слично на дуелот од Никозија, тренерот Андреев се реши Вардар да заигра прилично затворено и шансата да ја бара во против напади со Блажевски сам во шпицот. Тоа им овозможи на Кипраните да ја преземат инцијативата и да играат отворен фудбал.
Во 12-та минута прва шанса за АПОЕЛ. По влезот на Вандер Виера, Луис Леал шутираше силно но Пачовски исфрли во корнер. Минута подоцна, деветката на гостите повторно влезе во шанса, но шутираше високо над голот.
АПОЕЛ имаше повеќе од играта во првите 20 минути, а Вардарци и натаму не се обидуваа да тргнат поофанзивно и преку контри го загрозуваа голот на Бој Ватерман. Црвено-црните првпат се заканија во 29-та минута од првиот дел кога по центаршутот на Луис Фелипе, Грнчаров со глава шутираше над голот за воздишки на Филип Втори.
Во 30-та минута според правилата на УЕФА, судијата дозволи мала пауза за играчите да се освежат. На истекот од последната минута Вардар ја имаше најголемата прилика за водство, но пред голот се сплеткаа капитенот Грнчаров и Дејан Блажевски и на полувреме се замина со 0-0.
Осум минути поминаа во вториот дел кога Вардар отвори сериозна контра, но Блажевски шутираше слабо и така пропадна убава шанса Вардар да поведе.
Тој напад ги охрабри Вардарци кои конечно се ослободија од притисокот и фатија добар ритам, но следуваше студен туш во 60-та минута кога Томас Де Винсенти одлично ја искористи неверојатната асистенција на Виера (играч на мечот) и го матираше Пачовски. По тој момент на Вардар за пласман му требаа два гола, ситуација во која домашниот тренер се сети да стане од клупата прв пат по еден час игра и да направи замени.
Гостите во 85-та минута имаа можност да го затворат мечот, но Пачовски спаси зицер по шутот на Леал. Навивачите на Вардар се разбудија во 94-та минута од судиското продолжение кога Љамчевски кој претходно влезе место Гроздановски успеа да израмни на 1-1, но до крајот не остана уште многу и АПОЕЛ се пласираше во 3. квалификациско коло.
Хајлајтс и головите од мечот: