Реал Мадрид работи под полна пареа на младинскиот погон

Иако важи за клуб кој ги прави најскапите трансфери во светот и со голем буџет и скапи ѕвезди сака брзи успеси, сепак во Кралскиот клуб во последно време има една стратегија која се вика „Во младите е иднината“.

Главна вест во вчерашното издание на Марка беше Тео Ернандез, новата фудбалска надеж која Реал Мадрид ја капариса, иако во конкуренција за потпис на овој млад надежен играч беше и нивниот најголем ривал Барселона.

Се работи 19 годишен лев бек, школуван во Атлетико Мадрид кој лани го даде на позајмица во Алавес. Малиот супер ќе се офајди во актуелниот европски првак бидејќи договорот му гласи вака: 3,5 милиони евра плата за првата сезона, 6 милиони во првите две сезони, 7 во 2019/2020, 8 во 2020/2021 и 9 во 2021/2022 или вкупно 36 милиони за 5 сезони.

Целта на Реал Мадрид е да ја засили левата бековска позиција на која ќе остане само Марсело, бидејќи Коентрао е во заминување.

Кралскиот клуб со овој трансфер практично продолжува со моделот на подмладување и прави стратегија за цела идна декада. Просечната возраст на нивните 13 последни засилувања изнесува 21 година.

Кога го купија Асенсио имаше 19 години, Валехо 18, а норвешкиот талент Одегар 16. Првиот му е план Б на Зидан, а вториот ќе се врати ова лето по дипломирањето во Бундеслигата.

За следната сезона на Бернабеу доаѓа уште едно младо засилување, а тоа е кам бекот на Маркос Љоренте, едно од откритијата на Алавес. 22 годишниот играч од среден ред го сметаат за на долги патеки во дресот на Реал.

Од актуелните релативно понови играчи во Реал Мадрид, Хамес Родригес дојде на 23 години, Ковачиќ на 21, Данило и Мората на 23 и Крос на 24. Просечната возраст на тимот на Реал во моментов изнесува 26,7 години, но таа ќе падне.

Овој тренд на купување млади играчи веројатно нема да се менува бидејќи Флорентино Перез за нападот цели на Мбапе (18), а на голманската позиција го посакува Куртоа (24), а блиску е и до потписот на 16 годишниот талент на Фламенго, Винисиус Јуниор.

Во таа насока тука се уште и тинејџерите Валверде (18), Серхио Диаз (18) и Аугусто (17) кои се нови членови на Реал.

 

9 мај 2017 - 16:25