Пука тиквата меѓу ПСЖ и Меси, Аргентинецот казнет и отстранет од тимот

Помалку (не)очекувано, доаѓа до сериозно ладење на односот меѓу Пари Сен Жермен и светскиот шампион Лионел Меси. Поради тоа што пропуштил тренинзи со екипата и без дозвола од клубот отпатувал во Саудиска Арабија, Меси е казнет од управата.

Напаѓачот на ПСЖ кој има сосема добра сезона, заминал во Саудиска Арабија со семејството, од комерцијални причини, да снима реклами со оглед на тоа што е прогласен за медиумски амбасадор на оваа земја.

Но Меси тоа го сторил само неколку часа после тешкиот пораз 3:1 од Лориан во 33. коло од француската Лига 1.

Меси наводно добил од управата дозвола да замине само во случај на победа или нерешена, за што го предупредиле и тренерот Криштоф Галтие и советникот по спортски прашања Луиш Кампош.

Како што пишува париски RMC Sport, управата решила да го отстрани 35-годишниот Аргентинец на две недели и не му е дозволено во тој период да тренира со тимот. Луѓето од управата на ПСЖ сметале дека тој направил сериозна грешка и грубо го прекршил правилникот на клубот.

Лео ќе ги пропушти и натпреварите со Троа (7-ми мај) и Ајачо (13-ти мај). 

Наводно, интерен договор во екипата бил играчите да добијат два слободни дена во случај на победа или нерешена над Лоријан: во понеделник и вторник. Минатата недела добиле дури 4 слободни дена кои многу играчи ги искористиле за пат на краток одмор. Меси тогаш заминал во Барселона.

ЗОШТО ЛЕТАЛ ДО САУДИСКА АРАБИЈА?

Патот на Меси во оваа земја бил планиран од претходно и наводно немал можност да го одложи затоа што веќе го одложувале два пати годинава: првпат после поразот на ПСЖ од Баерн Минхен во Лига на шампиони.

Меси има рекламен договор со Саудиска Арабија вреден 25 милиони евра годишно. Лео е должен да го промовира туризмот во оваа богата блиско-источна земја. Согласно договорот потпишан минатата година, Меси веќе снимил прва рекламна кампања таму која беше објавена потоа на социјалните мрежи.

Меси и тогаш, и овој пат по иста шема, со луѓето од министерство за туризам на Саудиска Арабија снимале реклами. „Кој би можел да помисли дека во Саудиска Арабија има толку многу зеленило“? стои во една од објавите на Меси за реклама на туризмот во Саудиска Арабија.

За посетата на Лео на оваа земја зборувал и министерот за туризам Ахмед Ал Хатиб: „Среќен сум да го пречекам Меси и неговото семејство во нашата земја. Тие уживаат во волшебните туристички места и имаат одличен впечаток. Ги покануваме сите гости од целиот свет да го пробаат уникатното патешествие во Саудиска Арабија и да го почуствуваат нашето гостопримство“.

За рекламниот договор Меси го критикуваат во Аргентина. Не поради нешто друго, туку поради тоа што неговата земја заедно со Уругвај, Парагвај и Чиле спремаат сериозна кандидатура за организација на Светско првенство 2030 кога е и јубилејот 100 години од првиот организиран Мундијал во историјата, баш на јужно-американско тло, во Уругвај.

Главен конкурент на оваа идеја е токму Саудиска Арабија која прави се што може за да направи сериозна кандидатура и да го добие домаќинството.

3 мај 2023 - 10:24