Англиските клубови со години важат за најголеми трошаџии на светот. Но таа пракса реши да ја смени Маурицио Покетино, аргентинскиот тренер на клупата на Тотенхем.
Клубот одлучи да ги продолжи договорите со најдобрите играчи: Хари Кејн, Деле Али, Кореецот Сон, голманот светски шампион Лорис, Ериксен, Даер и Хари Винкс.
Во исто време во клубот не дојде никој. Ниту едно засилување не беше промовирано во конференциската сала. Чуден рекорд каков што во Премиер лига немало од 2003-та година. Во 2003-та година Лидс го довел Џоди Морис како слободен агент.
Минатата година Тотенхем потроши речиси 100 милиони евра. За време на летниот преоден рок во северен Лондон стигнаа Дејвинсон Санчез, Фојт, Орије и Фернандо Љоренте (плус Лукас Мура кој дојде во јануари годинава). Спарси потрошија речиси 100 милиони евра за 4 играчи од кои дури 42 милиони евра за Колумбиецот Санчез.
Минатата година заминаа Кајл Вокер за 50 милиони евра во Манчестер Сити, Федерико Фацио во Рома и Кевин Вимер во Стоук за 18 милиони евра.
„Не сум загружен, не сум тажен - среќен сум. Ако не можеш да доведеш играчи кои ќе го засилат тимот, најважно е да бидеш сигурен дека нема да ги загубиш најдобрите играчи. Мислам дека е многу важно за клубот да ги чува најдобрите играчи и тренерот“, изјавил Покетино.
Од септември Тотенхем ќе заигра на новиот ултра модерен стадион со 62.000 гледачи кој ќе биде втор најголем во Англија после „Олд Трафорд“.
Клубот потроши 850 милиони фунти на новиот стадион па оттука и решил да не пазари летово.