Тревор Францис ја направи сензацијата и стана првиот англиски фудбалер со цена од 1 милион фунти. Тоа се случи на 9 февруари 1979 година, парите ги даде Нотингем Форест, а ги доби Бирминген Сити.
Договорот беше објавен од страна на Брајан Клаф, легендарен и трофеен тренер на Нотингем со стаж од 18 години, кој се појави со Францис на прес конференцијата во црвена спортска јакна и сквош рекет.
„Подај му ја топката на Џон Робертсон, тој е подобар од тебе“, му рече Брајан на новото засилување.
Робертсон веќе беше дел од клубот од 70-та и играше на позиција лево крило, а Францис беше напаѓач. Тоа беа златните времиња на Нотингем Форест кој во 1979-та и 1980-та беше Европски првак, а во финалињата беше подобар од Малме и Хамбург со идентични 1:0. Првото финале го реши Францис, а второто Робертсон.
Тревор Францис беше голем талент уште од тинејџерските денови и пред да наполни 17 години успеа да постигне 4 гола на мечот против Болтон и сезоната да ја заврши со 15 погодоци на 22 средби.
Кариерата ја почна во Бирминген каде играше 8 сезони, потоа беше на позајмица во Детроит, а по едногодишното искуство во САД каде блесна со 36 гола, следуваше првиот трансфер со седум цифри.
Точната сума на трансферот е 1,15 милиони фунти од кои 15% биле провизија за фудбалската лига. Постои мит дека трансферот изнесувал 999.999 фунти или точно 1 фунта помалку за да заокружи милион.
Откако за три сезони Францис два пати славеше во Европскиот Куп, до крајот на кариерата смени уште шест клубови: Манчестер Сити, Сампдорија, Аталанта, Ренџерс, КПР и Шефилд. Се пензионираше на 40 години и уште 15 години работеше како тренер, а сега е дел од телевизијата BT Sport каде е ангажиран како критичар.
За Англија играше од 76-та до 86-та и на 52 меча постигна 12 голови.
Голот на Францис против Малме