И покрај сите напори и апели раководството на ФФМ да го усогласи својот статут со Законот за спорт по примерот на сите други федерации, од фудбалската влада останаа неми.
Во март годинава Муамед Сејдини, човек кој ниту еден познавач на фудбалските прилики во земјава не го знаеше пред да стане претседател на ФФМ, беше едногласно реизбран и доби нов четиригодишен мандат.
Сејдини се појави на прославата на шампионската титула на Шкендија во Тетово. Клубот од градот под Шара ја освои 4-та шампионска титула во земјава а на големата прослава покрај сопственикот на клубот Лазим Дестани и гости од регионов, биле и претседателот на ДУИ, Али Ахмети како и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Сите заедно се сликале со препознатливиот албански поздрав (со рацете во форма на орел), кој многумина го толкуваат како нападно пропагирање на идејата за тн. „Голема Албанија“, иако УЕФА стриктно и најригорозно забранува каква било употреба на пораки со верска, етничка или политичка конотација на спортските работници.
Претседателот на ФФМ како да подзаборавил дека е прв човек на македонска фудбалска федерација, па покрај врачувањето пехар на првакот, праќа и националистички и иредентистички пораки и тоа од градот кој беше погоден од воен конфликт во 2001 година.