Првпат во историјата на германскиот фудбал главен судија ќе биде жена. 38-годишната Бибиана Штејнхаус од Хановер е меѓу четирите судии кои од следната сезона 2017/2018 ќе судат во најдобрата германска лига.
Штејнхаус е првата жена во фудбалска Европа која што била главен судија. Во 2007-ма судела меч од „Цвајта“, втората германска лига.
Во 2008-ма станала првата жена која што судела меч од германскиот Куп, а на 1. јуни ќе го суди женското финале на Лигата на шампионите меѓу Пари Сент Жермен и Олимпик Лион.
Партнер на Штејнхаус веќе извесно време е најпознатиот англиски судија Хауард Веб кој во 2010-та го судеше финалето на Лигата на шампионите меѓу Интер и Баерн Минхен.
Изборот на германската фудбалска федерација сигурно ќе ги мотивира и останатите фудбалски сојузи ширум Европа да им дадат повеќе простор на женските судии.