Против кои репрезентации давал голови рекордерот Роналдо, а против кои Меси?

Со нов хет-трик за својата Аргентина, Лионел Меси стана најдобриот стрелец на една репрезентација во историјата на Јужна Америка. Легендарниот Лео сега има 79 гола за репрезентација.

Според најновата статистика, Меси синоќа против Боливија (победа 3-1) сега има 79 гола на 153 меча за Аргентина. Го надмина Пеле (77 погодоци на 91 дуел за Бразил) на вечната листа најдобри стрелци во Јужна Америка.

Интересно Лионел Меси само 10 од 79 погодоци дал против селекции кои се послабо рангирани од Боливија на ранг листата на ФИФА (12,6%). Од друга страна Кристијано Роналдо од рекордните 111 гола за Португалија (пред неколку дена даде 2 во 85-та и 96-та минута за пресврт со Ирска и влезе во вечноста како најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал), 45 гола постигнал против послабо рангирани селекции од Боливија на ФИФА ранг листата или 40,5% од головите.

На вечната листа најдобри голгетери, Роналдо е прв со 111 гола а Меси е на петто место со 79.

Притоа Меси синоќа постави уште еден рекорд во јужно-американските квалификации за Светско првенство, го надмина лидерот по бројот на голови во оваа категорија - Луис Суарез кој има 25 гола.

НА КОИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ИМ ДАВАЛ ГОЛ РОНАЛДО А НА КОИ МЕСИ?

Неколку дена траеше еуфоријата за новиот поставен рекорд во светот на фудбалот. После долги години, Кристијано Роналдо го урна рекордот на Иранецот Али Даеи и со два нови гола стигна до бројката од 111 погодоци за својата Португалија.

Кристијано дал гол против 45 репрезентации! Најмногу од сите давал против Шведска и Литванија - по 7 комада. Понатаму се Луксембург, Унгарија и Андора со по 6 гола примени од најголемиот фудбалер на сите времиња според многумина.

Роналдо прославил погодок во дресот на Португалија против: Република Ирска, Северна Ирска, Велс, Белгија, Холандија, Германија, Луксембург, Франција, Швајцарија, Шпанија, Андора, Мароко, Чешка, Словачка, Унгарија, Хрватска, Србија, БиХ, Грција, Украина, Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Русија, Казахстан, Ерменија, Азербејџан, Иран, Казахстан, Кипар, Грција, Египет, Израел, Саудиска Араија, Мароко, Еквадор, Панама, Аргентина, Гана, Камерун, Австралија, Северна Кореја, Панама, Нов Зеланд.

87 гола од 111 за Португалија му се од игра, 10 од слободен удар, 14 од пенали. Со глава Кристијано Роналдо за својата репрезентација дал 27 погодоци, со десна нога 59, со лева 25.

Во квалификации за Мундијал 64 пати ги матирал голманите, а интересно најниска ефикасност неочекувано има на пријателски средби (само 0,37 голови во просек по натпревар).

Во квалификации за Светско Роналдо на 41 меч дал 33 гола, во квалификации за Европско 31 гол на 35 меча, на 51 пријателска дал 19 погодоци, на Европско првенство 14 на 25, на Светско 7 на 17 средби, во Лига на нации 5 гола на 6 меча, во Куп на Конфедерации 2 гола на 4 меча.

Тајмингот на голови покажува дека Кристијано е поопасен во вториот дел од мечот. После полувремето он дал 67 гола, а во прв дел - 44. Најопасен е од 76-та минута до крајот од мечот.

Негови најдобри асистенти досега се Рикардо Кварежма (8 асистенции до Роналдо), Жоао Мутињо (8 асистенции), Бернардо Силва (6 асистенции), Луис Нани (6 асист.), Жоао Марио (5), Деко (5), Гонсало Гуедеш (3).

На вечната листа голгетери за своите репрезентации најблизу (ако така може да се каже) зад Роналдо од активните играчи се Лионел Меси со 79 гола, Али Мабхут (ОАЕ, 30 години) 76 гола, Нејмар 72 гола.

НА МЕСИ НАЈОМИЛЕНА МУ Е БОЛИВИЈА

Првиот гол во својата репрезентативна кариера Лионел Меси го постигна против Хрватска во 2006-та година во пријателска која Аргентина ја зауби 3-2.

Меси има свој омилен ривал и на клупски и на репрезентативен план.

Иако Боливија важи за најслабо рангирана селекција во Јужна Америка, сепак тамошните ривали во трката за Светско првенство се далеку потешки отколку некои селекции во европските квалификации и тоа е факт.

Лионел Меси со трите гола на патот за Светско првенство 2022 против Боливија (3:1) стигна до дури 8 гола против оваа селекција - најмногу од сите репрезентации против кои дал гол.

Му лежи и Еквадор против кого дал 6 гола, а следни се: Бразил (5), Уругвај (5), Чиле (5), Парагвај (5), Венецуела (4), Нигерија (3), Хаити (3), Панама (3), Гватемала (3), Швајцарија (3), Колумбија (3), Мексико (3), Никарагва (2), Хонг Конг (2), Шпанија (2), Алжир (2), Хрватска (2), Босна и Херцеговина (1), Србија и Црна Гора (1), Германија (1), Франција (1), Португалија (1), Албанија (1), Германија (1), Словенија (1), Иран (1), САД (1).