Професорот кој ѝ помогна на Аталанта да стане толку силна

Тимот од Бергамо важи за едно од напријатните изненадувања во Топ5 лигите во Европа во последните пар сезони. Успехот се должи и благодарение на еден симпатичен Данец кој работи од сенка и кој му препишувал диети на Зидан во Јувентус.

Фудбалска вест на денот е големиот триумф на Аталанта над Јувентус во Купот на Италија - 3:0. Во првенството Бергамашите исто играат одлично и се на бод од местото кое води во Европа.

Многу комплименти одат на сметка на тренерот Џан Пјеро Гасперини, но тоа не е само негово достигнување.

На “нераѕурите“ од Бергамо им се поклопија многу коцки. Дуван Ѕапата игра како ѕвер: има исто голови во Серија А колку што има и Кристијано Роналдо (Колумбиецот постигна 17 гола на последните 10 натпревари). Притоа од тешка состојба им се врати и одличниот Словенец Јосип Иличиќ.

Во фантастична форма играат и одбранбените фудбалери: Џанлука Манчини постигна гол на три меча по ред и доби повик за репрезентацијата на Италија. Хозе Луис Паломино важи за еден од најдобрите стопери во Серија А (согласно индексот на InStat), Рафаел Толои е лидер по добиени дуели. Формата по слабиот старт ја крена и Папу Гомез.

Но во Аталанта има и измени надвор од теренот. Од средината на октомври во клубот работи данскиот професор Јенс Бенгсбо.

Тој на времето работел со Липи и Анчелоти.

„Ги читав неговите книги. Знаењето на Јенс е далеку поголемо од моето“, рекол тренерот на Аталанта Гасперини.

Со Џиџи Буфон

Бенгсбо првпат во Бергамо дошол во септември 2018. Тогаш Аталанта заедно со компанијата Mectronic организирала семинар во базата на клубот, Ѕингони. Семинарот бил псоветен на користење на техниката Theal Therapy во опоравување од повреди.

Јенс бил еден од лекторите, а предавања држеле и физиотерапевтот на Манчестер Сити Федерико Џеновези, неговиот колега од Интер Џан Никола Бишоти, тренерот на Монако по физичка подготовка Карло Спињоли, претставници на Парма, СПАЛ и Сасуоло.

Данецот се запознал добро со управата на Аталанта која му понудила постојана работа.

Основна задача на Данецот Бенгсбо е да ги анализира информациите за фудбалерите и да му помага на стручниот штаб во изработка на индивидуални тренинзи. Тој исто соработува и со клупскиот диетолог и води лични разговори со играчите па ја обавува и функцијата психолог.

Аталанта решила да му повери одговорни фунцкии затоа што Јенс има одличен бекграунд - важи за еден од светски познатите специјалисти во сферата на физиологија на спортот.

****

Бенгсбо е професор на катедрата за фискултура и спорт на научниот факултетот при универзитетот во Копенхаген.

Работел и во министерството за култура на Данска. Има повеќе од 300 научни статии и 20 книги меѓу кои и за фудбалот: „Фудбалски систем и стратегија“, „Фитнес тренинзи во фудбалот: научен пристап“, „Одбранбена тактика во фудбалот“, „Напаѓачка тактика во фудбалот“, „Физиологија во фудбалот“ итн.

Јенс Бенгсбо од Данска

Во 1999-та Јенс го повикале да работи во Јувентус. Во тоа време бил многу познат во Данска како поранешен фудбалер (одиграл повеќе од 400 меча за клубот Каструп) и успешен физиотерапевт.

„Бенгсбо може да гледа на фудбалот заснован на играчко знаење, но има и научно знаење. Неговиот иновациски метод на тренинзи е буквално визионерски“, рекол селекторот со кој Данска во 1992 стана европски шампион, Рихард Мелер Нилсен.

На Јувентус овој стручњак му го препорачал Микаел Лаудруп лично кој играше во Торино од 1985 до 1989.

„Дојде еднаш кај мене и ми раскажа за тој дечко. Кажа дека со него ќе се искачиме на повисоко ниво“, се сеќавал еднаш Лучано Моџи кој набрзо го поставил Бенгсбо за советник во стручниот штаб на Карло Анчелоти.

„Ако споредуваме со тоа што имаме денес, технологијата во 1999 година беше на почеток. Се беше апсолутно ново. Ние можевме да ја оценуваме работата на играчите со топка, да добиеме реални податоци. Таква новина со видео ни донесе Бенсгбо. Сега тој систем го користат и за изучување на противникот. Видеото стана инструмент за индивидуални лекции за фудбалерите. Бенгсбо лично работеше со Дел Пјеро по повредата на коленото“, раскажа Анчелоти.

Во 1991 година Јенс го смислил тестот за проверка на физичката состојба: Јо-Јо. Тој подразбира интензивен физички напор.

Фудбалерите на Јувентус го сметале овој систем на брзи спринтови на растојание од 20 метри за еден од најтешките во фудбалот. По заминувањето на Анчелоти, Моџи настојувал Данецот да му стане помошник и на новиот тренер Марчело Липи.

Поради договор со италијанскиот гигант, Ленс одбил да предава на универзитетот во Копенхаген.

„За мене тоа беше голем чекор во кариерата, работата во Јуве ја сфаќав како семејна работа. Италија е прекрасна земја, Италијанците се луѓе со душа, а Јувентус е еден од најдобрите клубови на светот. Таму сите беа заинтересирани за моите теории. Просто не водев само тренинзи“, раскажал Бенгсбо.

Пред него, Јувентус имал две сесии на ден, секоја по два и пол часа. Бенгсбо ги скратил тренинзите но ги направил поинтензивни. Само еднаш во неделата Јуве имал два тренинзи но по еден час и 15 минути.

Имало уште една новост: помалку трошење пред натпреварите. За тоа Бенгсбо раскажал преку пример од Лигата на шампионите и мечот со Динамо Загреб во септември 2002 (5:0):

„Обрнете внимание колку рано излегуваме од соблекувална. Играчите на Динамо се појавија пет минути подоцна. Целата наша екипа се загрева многу долго пред почетокот. Што ќе прави пред второ полувреме? Работевме тоа да го сведеме на минимум пред почетокот.“

Данецот е скромен:

„Јас во Јувентус не бев да се рекламирам себеси. Се трудев да бидам неприметен. Но многу ми беше пријатно кога ми пријде Зидан и ме праша како да се храни подобро“.

Бенгсбо останал помошник на Липи три години колку што Марчело беше во Јуве. За тоа време „Старата дама“ освои две скудета на Италија и играше во финалето на Лига на шампиони каде изгуби од Милан на пенали.

Неколку дена по мечот за вредниот пехар, претставници на Milan Lab отишле на тренинг на Јувентус да се уверат дека овие не примаат допинг - до толку Јуве бил физички поспремен од Милан во тој период.

****

Во 2004 Фабио Капело го смени Липи и во Јувентус си донел свои асистенти. Тоа лето Бенгсбо работел за репрезентацијата на Данска на Европското првенство (Данците стигнаа до четвртфинале), а работеше во државниот тим на Данска и во 2010 (испаднаа од групи на Светско првенство) и во 2012 (испаднаа од групи на Европско).

Во меѓувреме Бенгсбо работел и со АЕК и Анталијаспор, но се прославил со соработката со Nike. Во 2010 година Nike ги промовирал новите копачки Mercuiral Vapour Superfly II FG, а дел од маркетинг кампањата станал и Кристијано Роналдо. 

Јенс е еден од основачите на тренинг програмата Nike Boot Camp. Во рамките на овој програм се снимиле многу видеа со преку 40 познати спортисти меѓу кои Андрес Иниеста, Карлос Тевез, Роналдињо и Клас-Јан Јунтелар.

****

На почетокот на октомври 2018, британскиот журнал Sports Medicine анализирал повеќе од 50 најдобри научни статии за фудбал со цел да создаде една опширна литература на темата.

Автор на најголем дел од тие статии бил Јенс Бенгсбо. После две недели добил работа во Аталанта. 

„Лига на шампиони? Ќе пробаме“, рекол тренерот Гасперини. Бенгсбо претпочита да работи од сенка и да молчи. Во ноемврискиот меч со Интер Аталанта имала повеќе освоени дуели (41% наспроти 33%), и поинтензивно пресингувала (особено после првиот дел). А синоќа го разнесе Јувентус во Купот. И што е поинтересно, го натрча.