Продолжува фудбалот во Бразил

По срамната елиминација на Бразил кој се обиде преку Светското првенство да го сплоти незадоволниот сиромашен народ кој жестоко протестираше низ улиците, страста кон фудбалот во оваа земја ќе треба да се поврати преку националното првенство.

Без оглед на фијаското на СП, викендов започнува еден од најатрактивните шампионати на Светот. Токму поради Мундијалот, бразилското првенство е поделено на два дела: Првиот почна и траеше од 19 април до 1 јуни, после кој следуваше пауза од еден месец поради СП. Вториот дел започна на 16 јули и ќе трае до декември, период во кој треба да се одиграат 38 кола.

Во меѓувреме и натаму трае дебатата околу тоа колку средства земјата потрошила во организација на првенството, а властите се бранат со фактот дека новите стадиони и аеродроми ќе се користат и за Олимпијадата 2016 година.

Имајќи ја предвид нешто подобрата економска ситуација во Бразил, многу познати фудбалери од Европа се вратија во својата татковина. Меѓу главните фактори за враќање на ѕвездите беше и носталгијата, својствена за Бразилците кои играат ширум Европа.

Кака (32), после 11 години во Европа се врати во својот Сао Пауло, овојпат како позајмен играч од Орландо. Покрај Кака и Едуардо Да Силва, хрватскиот репрезентативец по одисејата во Европа реши да си дојде дома. Дуду сезонава ќе игра во Фламенго.

Но тоа како да не допринесе за полни трибини, затоа што во првиот дел е измерен просек од околу 14 илјади гледачи по натпревар. Со полупразните стадиони дојде и се' помалиот интерес за младите таленти од Бразил, така што сега продолжувањето на првенството е шанса да се врати љубовта кон фудбалот во ова јужноамериканска земја.

Во последните 3 години, бразилското првенство го освојуваа три различни тима, а Крузеиро е клубот кој ќе ја брани титулата. Меѓу фаворитите, вообичаено се издвоија Флуминенсе, Гремио и Сао Пауло, кој има најскапи играчи во својот состав.

ПРОПОЗИЦИИ:

- Дваесет клубови играат 38 кола по двокружен бод систем

- Од лигата директно испаѓаат 4 најслабо пласирани екипи

- Четирите првопласирани директно одат во Копа Либертадорес

- Во случај на ист број поени одлучува: поголемиот број победи, подобрата гол разлика, меѓусебниот скор, поголемиот број постигнати голови и ждрепката.

СИТЕ ШАМПИОНИ

8 титули: Палмеираш, Сантос

6 титули: Сао Паoло

5 титули: Коринтијанс, Фламенго

4 титули: Флуминенсе, Васко да Гама

3 титули: Интернационал, Крузеиро

2 титули: Баија, Ботафого, Гремио

1 титула: Атлетико Минеиро, Атлетико Паранаенсе, Коритиба, Гуарани

19 јули 2014 - 20:41