Италија одигра 1:1 против Холандија во 4. коло од Лига на нации, а за виновник број 1 во јавноста е прогласен Чиро Имобиле, најмногу поради двете испуштени големи шанси за гол поради кои се смета дека Аѕурите не победиле.
Фудбалските критичари, медиумите и општо сите што следат фудбал на чизмата се познати по жестокиот наплив на коментари и анализи кога треба да се посочи кривецот и сега прв на удар е напаѓачот на Лацио, стрелец со 36 гола минатата сезона, рекорд кој во Серија А за една сезона го држеше Игуаин.
Но во негова одбрана целосно застана Алесандро Лоренци кој е разочаран од третманот кој го има Златната копачка во својата земја.
Лоренци доби пофални зборови од многу навивачи за тоа како клупското ривалство се става на страна кога се работи за репрезентацијата. За тие што не знаат, тој е дете на Рома уште од 2002-ра и член во прв тим од 2011-та, а сезонава е на позајмица во ПСЖ.
„Има примери кога на три шанси даваме три гола и тогаш нема проблеми. Не би сакал да зборувам за ова, но за жал прочитав работи кои не се на место. Тоа што не треба да се случува е она што му го прават на Чиро. Зборуваме за напаѓач кој минатата сезона постигна 36 голови и го третираат како тој подвиг да е најнормална работа.
Да беше Левандовски ќе му ги дадеа сите трофеи, а во Полска ќе го третираа како крал. Кај нас Имобиле е третиран како последниот мохиканец. Треба да се има поинаков пристап кон него бидејќи постигна 36 гола и треба да биде национален херој и ако понекогаш не даде гол, тоа не треба да претставува проблем. Златна копачка освои.
Тоа е неговата вредност надвор од нашата селекција, а внатре тој е сакан и како личност и како играч од цел тим, селекторот и сите кои се дел од репрезентацијата“.
Инаку Италија под водство на Манчини има рекорден број на победи од 62,5 % и само два порази на 24 средби. Тој ја сруши и историската серија на националниот тим од 9 победи во низа поставена пред 71 година и постави нов рекорд од 11 победи по ред, а 2019-та ја заврши со 10 од 10.
Во првата група од А лигата Италијанците имаат една победа и три нерешени, а на табела е густо. Полска има 7 бода, Италија 6, Холандија 5 и БиХ 2.
Но Италијанците не се Италијанци ако не направат драма и критикуваат како веќе да останале без пласман на СП.