Дека ќе заигра за првиот состав на Реал Мадрид, Раул дознал додека се возел во градското метро, кога му се јавил спортскиот директор на клубот, Аргентинецот Хорхе Валдано.
„Што и да направиме за него е малку, во однос на тоа што тој даде за Реал. Секој навивач на клубот го доживува како жива легенда. Уште го паметам денот кога му се јавив да му кажам да се подготви за дуелот против Сарагоса. Имаше 17 години и беше пресреќен“, изјави Валдано, по повод јубилејот од дебито на Раул Гонзалес.
Раул дебитираше во поразот на Реал од Сарагоса во 1994-та година, кога му асистираше на Иван Заморано за еден од головите, а недела дена подоцна постигна гол и асистенција во дербито против Атлетико Мадрид.
Раул за Реал Мадрид играше од 1994-та до 2010-та година, период во кој постигна 283 голови на 663 средби. Стана препознатливиот капитен со број 7, кој го водеше Реал до 6 титули во Примера, 4 во шпанскиот Супер Куп, 3 трофеи во ЛШ, еден во Супер Купот на Европа и 2 во Интерконтиненталниот Куп.
Последен допир со топката како играч на Реал Мадрид, имаше на 24-ти април 2010-та година во гостинската победа од 2:1 против Сарагоса. Во 50-та минута од натпреварот, Раул поради повреда излезе од игра. Во саботата, пред дуелот Реал Мадрид - Барселона, претседателот Флорентино Перез му подари дрес со бројот 20, потпишан од актуелните играчи на кралскиот клуб.
„Ова е навистина голем гест од клубот. Не очекував вакво нешто, навистина сум им благодарен на сите. Овој голем гест е уште една потврда дека Реал е мојот дом", изјави Раул во саботата.
За репрезентацијата на Шпанија на 102 натпревари постигна 44 гола.
Лична карта: Раул Гонзалес Бланко
Роден: 27. јуни 1977-ма година во Мадрид
Кариера: Реал Мадрид (1994 - 2010), Шалке 04 (2010-2012), Ал Сад (2012-2014)