Пред пола година играл во Кореа, а сега постигна хет-трик за Динамо во Лига на шампиони

Главна сензација на отворањето на ЛШ беше дебаклот на Аталанта во Загреб. Скоро сите очекуваа тимот од Бергамо со триумф да дебитира во елитното друштво, ама така не мислеше и Мислав Оршиќ.

Оршиќ стана петтиот Хрват во историјата кој постигна 3 гола на еден меч во ЛШ. Пред него тоа им појде од нога на Дадо Пршо, Иван Класниќ, Ивица Олиќ и Марио Манџукиќ - друштво во кое се најде и шпицот кој до скоро играше во Јужна Кореа.

НЕОБИЧЕН СТАРТ НА КАРИЕРАТА

Мислав Оршиќ има интересен фудбалски пат. Има 26 години, но не може да се каже дека е млад фудбалер со кратка кариера. Роден е во Загреб каде ги почнал првите фудбалски чекори во непознатите нисколигаши Тресниевка и Кустошија.

Брзо ги надраснал овие тимови со игрите на терен, но покани за трансфер добил од неколку клуба само не од неговиот омилен Динамо. Затоа Мислав потпишал со Интер Запрешиќ, клуб за кој постигнал 22 гола на 90 меча од кои 12 во последната сезона.

Оршиќ добивал повик и во младинската репрезентација на Хрватска кога селектор на У21 беше Нико Коваќ. Во таа генерација беа уште и идните херои од Светското првенство 2018 Анте Ребиќ, Симе Вршаљко, Матео Ковачиќ, Марсело Брожовиќ.

ПАТОТ ГО НОСИ ДАЛЕКУ ОД ДОМА

Во еден момент во Хрватска сите очекувале Динамо, како што обично се случува со најголемите таленти во земјата, брзо да го земе малиот под свое, но Оршиќ го купи италијанската Сепција која во тоа време играше во Серија Б.

Хрватскиот центарфор не се прослави на југот од Италија, за една година одиграл само 11 натпревари и воглавном влегувал од клупата.

По разочарувачкиот престој во Специја, се враќа во родната земја и потпишува со Ријека.

Иницијатор на овој трансфер бил тренер Матјаж Кек кој на Ријека ѝ ја донесе децениски чеканата титула, пред Динамо и Хајдук. Кек е сега селектор на Словенија и наскоро ќе го гледаме во Скопје во меч со нашата репрезентација во квалификациите за ЕП2020.

Словенецот прво го пратил Оршиќ на позајмица во Целје каде Мислав играл добро, но по враќањето во Ријека околностите се смениле и тој не бил во прв план.

„Искрено Матјаж Кек не ми даде ни една шанса. Не жалам за тоа што морав да одам на позајмица“, рекол крилниот напаѓач минатата година.

ФУДБАЛ НА КРАЈОТ ОД СВЕТОТ

По многу недоумици, на крај Мислав заминал да игра во Кореја. Потпишал со клубот Чонам Драгонс каде станал прва ѕвезда. Корејците биле воодушевени од неговата техника и шут.

„Сите стоеа на тренинг и од најдобар агол гледаа како тој шутира. Корејците потоа пробуваа да го имитираат тоа што го правеше Мислав ама не им одеше“, се сеќава Ведран Југовиќ кој му бил соиграч во Кореја.

За 6 месеци во Кореја постигнал 14 гола и имал 10 асистенции. Тоа било доволно да го забележат од Кина и добил понуда од Чангчун Јатаи. Отишол во Кина но не бил среќен таму.

„Искрено во Кореја ми беше многу подобро. Во Кина не. Таму многу лошо се однесуваат со странците“.

И покрај не баш среќниот живот во Кина, тој дал неколку гола, имал и асистенции, а за 6 месеци се вратил во Кореја но во топ клубот Улсан Хенде. Им помогнал да завршат трети и да го освојат Купот.

После оваа авантура, за него почнале да пишуваат хрватските медиуми.

УБАВО ВРАЌАЊЕ ВО ТАТКОВИНАТА

После Светското 2018 и триумфалниот марш на репрезентацијата на Златко Далиќ, во Хрватска на големо се пишувало за тао кои нивни играчи и тренери се на далечниот Исток.

Динамо конечно се решил да го донесе Оршиќ во своите редови, па „модрите“ на Улсан му платиле 1 милион евра. А за тие пари добија врвен центарфор кој стана лидер.

Мислав во Кореја изградил сопствен стил, работи доста во одбраната, помага во средниот ред и напаѓа како крилен напаѓач. За 1 година во Загреб одигра 50 меча, постигна 20 гола со 10 асистенции.

Со 26 години Оршиќ веќе има два престоја во Кореа, деби за Хрватска (на 9 септември влезе на 4 минути пред крајот од мечот со Азербејџан) и постигна хет-трик во Лига на шампиони против Аталанта (4:0) - прв хет-трик во историјата на Динамо во ЛШ.

Во четвртокот на 18 март 2021 стана и јунак на вечерта во Европа откако со 3 сјајни гола го исфрли Тотенхем на Жозе Мурињо од Лига Европа и со Динамо Загреб ќе игра во историско четвртфинале, против Виљареал.

Еве како Мислав Оршиќ изведува слободни удари

Прекрасниот прв од трите гола против Тотенхем

20 септември 2019 - 11:35