Многумина од нас деновиве и(ли) неделиве слушнаа коментари во врска со дресовите на Македонија. Прво настана цела онаа рашомонијада околу бордо бојата на примарниот дрес која нема никаква врска со националното знаме на земјава, а после кога слегнаа реакциите, народот посака спремно да го дочека Европското и дебито на Пандев, Барди, Елмас, Алекс и другарите.
Нормално, прва и единствена дестинација за да го купиш омилениот дрес на репрезентација (оној досегашниот кој нашите го носат од 2016-та и со кој успеавме да стигнеме на Европско) е фан-шопот на ФФМ кој се наоѓа во Куќата на фудбалот.
Но таму дрес нема ни за лек.
„100 пати отидов, им се јавив, пишав, не им чуе. Значи не е можно колку очигледно и намерно го прават тоа. Тоа едно нешто што остана да бидеме горди периодов а сакаат да го скинат од нашата меморија“, ни пишува еден наш читател, а друг уште пореволтирано додава: „Како е можно бре на неколку дена пред Европско да немаат дресови за продажба на залиха?! Па кога би имале ако не сега“?
Да не биде дека само ломотиме во празно, љубезно ги исконтактиравме и луѓето во Федерација задолжени за комуникации со јавноста. Ни објаснија дека дресови во фан шоп нема, ни стари ни нови.
„Од фан шопот на Фудбалска федерација за потребите на сите репрезентативни категории (сениорска, младинска итн.) се повлечени сите дресови до последен затоа што е донесена одлука да се игра во таа едиција од претходно“, велат од таму и додаваат:
„Нам ни истекува договорот со Јако и сега ќе треба Федерација да седне да разговара со нив или со други заинтересирани страни. Новиот дрес, како што знаете, на барање на јавноста беше повлечен од употреба па нема логика нешто што е повлечено од употреба да биде ставено на продажба во фан шопот. Целата процедура на нарачка, производство, набавка, достава на дресови од производител знае да потрае прилично долго, некогаш и по пар месеци. Секој обид да се набави залиха од старите дресови би го надминал стартот на Европско првенство“, додаваат од таму и нагласуваат дека сите промоции на дресови кои се продаваат по интернет, немаат ништо со ФФМ и дека се копии а не оригинали.