Минатата сезона тимот на Пескара предводена од Зденек Земан ја играше сезоната од соништата. Во составот го имаше фантастичното трио составено од младите талентирани играчи Марко Верати, Лоренцо Инсиње и Чиро Имобиле.
Сезона која ќе им остане во срцата на навивачите не само поради пласманот во Серија А кој го обезбедија по шести пат од оформувањето на клубот, туку поради доминацијата и ефикасноста на тимот кој блесна во втората лига.
Пескара го имаше најубиствениот напад во Серија Б со дури 90 постигна гола по 42 кола, нешто што не им успева ниту на европските гиганти. Колку за споредба шампионот Јувентус сезонава постигна 71 гол, а Манчестер Јунајтед 86.
За огромната ефикасност најзаслужно е дуото во нападот Инсиње-Имобиле кои беа незапирливи и кои заедно постигнаа половина од головите на Пескара. 23 годишниот Имобиле сезоната ја заврши како најдобар стрелец во Серија Б со 28 гола, а Инсиње беше втор стрелец во клубот со 18 погодоци и 14 асистенции. Признанието за најдобар играч за сезоната отиде во рацете на играчот од средниот ред Марко Верати кој ја доби со само 19 години.
Но сето ова му се случи како на сон на тимот кој повторно се врати во реалноста. Неговата стратегија беше со талентирани младинци да гради тим кој ќе биде компетитивен во првата лига. Инсиње дојде на едногодишна позајмица од Наполи, исто како и Имобиле од Јувентус, а Верати беше член на Пескара четири сезони, но по промоцијата во Серија А тој се прости со клубот.
Подобар трансфер на 19 годишна возраст талентираниот Италијанец не можеше ниту да сонува, па му се приклучи на богатиот ПСЖ каде стана првотимец рамо до рамо со Ибрахимовиќ, Силва, Лавеци и Пасторе, а по доминација во Серија Б, се радуваше на шампионска титула во Франција.
Лоренцо Инсиње исто така го напушти клубот и се врати во својот Наполи, каде најчесто е резервна варијанта за Горан Пандев, а Чиро Имобиле ги смени клупските бои и потпиша за тимот на Џенова.
Резултатите од заминувањето на Земан кој премина во Рома и збогувањето со фантастично трио кое царуваше во Пескара се покажаа како најголемата грешка на клубот кој ја заврши сезоната на дното во Серија А со 22 бода, 6 победи, 4 нерешени и дури 28 порази. А наспроти 90-та гола во втората лига, од Серија А се прости со мизерни 27 погодоци.