Потоп во Србија, фудбалерите и кошаркарите може да играат само ватерполо

Играчите на ФК Младост не може да тренираат, да вежбаат во фитнес салата и ниту да го пречекаат Чукарички. Со сличен проблем се соочува и кошаркарскиот клуб Борац од Чачак, една од трите погодени општини од најновите поплави.

Со обилните врнежи од дожд и излевањето на реката Бјелица во општина Лучани фудбалерите на Младост немаат услови да го одиграа мечот против Чукарички во рамките на првата лига. Според најновите слики и информации на српските медиуми покрај теренот, поплавени се клупските простории, фитнес центарот, а до стадионот не може да се приближи човек поблиску од 100 метри.

Територијата на Лучани беше под вода и на претходните големи поплави во Србија, но проценките се дека ситуацијата е сега уште полоша. Во 2014-та брановите биле високи 2,5 метри, а сега 3,5 метри.

Стадионот на ФК Младост Чучани пред поплавите

Сега

Врнежите заедно со реката Западна Морава го погодија дворот на кошаркарскиот клуб Борац, а доколку порасне нивото на реката може да настрада и нивната сала. Објектот каде што игра еден од најпознатите српски кошаркарски клубови беше единствениот кој пред две години беше успешно одбранет од поплавите, а во акцијата учествуваа и играчите, раководството и навивачите.

Во Србија ова утро е прогласена вонредна ситуација во општините Чачак, Ариље у Лучани, а водата покрај во спортските објекти влезе во куќи, станови, училишта и фабрики. Прогнозите се дека големите поплави допрва доаѓаат.

7 март 2016 - 14:09