Последното миланско дерби одиграно на 20 ноември

Милан како домаќин против Интер, во недела навечер, на 20 ноември. Така ќе биде викендов, а последен така беше пред 22 години. Дерби со отсуство на неколку ѕвезди во период кога Росонерите доминирале на терен, ама биле во лоша серија.

На 20 ноември 1994-та во 10. Коло, Милан и Интер се сретнаа под едни други околности. И двете екипи имаа по 12 бодови, а лидер беше Парма. Сега нивната разлика изнесува 11 бода во корист на Милан, а лидер е Јувентус.

ДЕРБИ СО МНОГУ ОТСУСТВА

Интер мораше да се лиши од Денис Бергкамп, Рубен Соса, Феста и Алесандро Бјанки. Фабио Капело не располагаше со повредените Савичевиќ, Албертини и Еранио, а Гулит веќе беше преминат во Сампдорија во замена со Сандро Мели.

ДЕРБИ ВО ЗНАКОТ НА МАЛДИНИ

Милан славеше на градското дерби во март 1994, а потоа дури во октомври 1999-та. Во тој вакум сепак имаа една победа, но во Купот на Италија во јануари 1998-ма и тоа висока од 5:0. Дербито на 20 ноември 1994-та ќе се памети по Паоло Малдини кој не само израмни за конечни 1:1, туку тоа остана неговиот прв и последен гол за Милан на „Дерби дела Мадонина“.

ДЕРБИ СО ПРОТЕСТИ

Судија на мечот беше Лорис Стафоџа, наставник по физичко кој не му даде пенал на Милан откако Марко Симоне беше соборен во шеснаесетникот од Масимо Паганин. Црвено-црните протестираа кај судијата, а Давиде Фонтолан од Интер, по мечот јавно ги критикуваше противниците за нивните поплаки. Фаулираниот Симоне возврати: Јас исто така останав без една копачка откако ме фаулираше Паганин.

ДЕРБИ СО ТРИ ГОЛЕМИ РИВАЛСТВА

Мечот заврши нерешено и со многу расправии. На крајот од средбата во кавги со судијата влезе и Ди Канио. Да, Паоло Ди Канио во тоа време играше за Милан. Искри имаше и меѓу Курва Суд и Паљука, меѓу Барези и Делвекио (Да, Марко Делвекио пред да оди во Рома играше една сезона за Интер), а битки водеа и Марсел Десаи со Никола Берти.

ДЕРБИ КОЕ СЕ ИГРАШЕ ВО ПОЛОВИНАТА НА ГОСТИТЕ

И двата гола беа постигнати на стартот од двете полувремиња. Фантолан отвори во 4 минута, а Малдини израмни во 50-та. Милан речиси во текот на цел натпревар напаѓаше и за противникот имаше можност да нападне само од контра. Освен Малдини, одлична партија одиграа Донадони и Десаи.

МИЛАН МЕЃУ САД И ВИЕНА

На крајот, Милан ја заврши сезоната 1994/1995 на 4. Место со 60 бодови, а Интер 6-ти со 52. Репрезентативците на Италија од Милан делуваа истрошени бидејќи им претходеше тешкиот Мундијал во САД 1994 каде стигнаа до финале. Таа сезона Милан успеа да стигне до финалето на ЛШ кое го загуби од Ајакс.

Се откорнавме од барање дали Дарко Панчев влегол во игра на тој меч, но никаде не е споменат, а не го видовме ниту во видеото од мечот.

18 ноември 2016 - 16:41