Фудбалскиот клуб Гројтер Фирт е формиран во 1903-та година како дел од гимнастичарски клуб, а клубот станал независен во 1906-та година.
Градот Фирт е одалечен само 7 километри од Нирнберг, а ривалството на овие два клуба започнува во 1914-та година кога Гројтер Фирт се пласира во највисоката по ранг лига во Германија, а истата сезона ја освојува и првата титула.
Втората титула ја освојува осум години подоцна, а последната во 1931-та година по што во 1933-та година следи реорганизација реорганизација на германскиот фудбал под Третиот Рајх, а Гројтер Фирт е префрлен во шестата лига.
Во 1963-та година е оформена Бундеслигата, а Гројтер Фирт не се најде меѓу 16-те учесници, а по основањето на единствената втора Бундеслига, тие беа редовни учесници од 1974-та до 1983-та година.
Потоа следи големиот пад на клубот кој паѓа дури во петтата по ранг лига, а во третата лига се враќаат дури во 1994-та година.
Новиот почеток
Целосното име на клубот е SpVgg Greuther Fürth, а ова име го носи од 1 јули 1996-та година кога се фузионираа Спортското друштво Фирт и тогашниот третолигаш ТСВ Вештенбергсгројт.
Новоформираниот клуб во сезоната 1996/97 го освои второто место во Регионалната лига Југ и избори пласман во втората Бундеслига.
Веќе 15 години Гројтер Фирт е стабилен второлигаш, а неколку сезони беше на чекор и до Бундеслигата. Оваа сезона предводени од 22-годишниот фудбалер од средниот ред Едгар Приб за кого се заинтересирани повеќе големи клубови, Канаѓанецот Оливие Оушн кој постигна 17 голови и тренерот Мајк Бискенс, на две кола пред крајот Гројтер Фирт се наоѓа на првото место во втората лига со 68 поени и веќе е сигурен прволигаш.
Гројтер Фирт игра на стадионот Троли арена со капацитет од само 15.200 гледачи кој следната сезона ќе биде претесен за навивачите на „зелено-белата магија" на натпреварите во германската елита, а во сезоната 2014/2015 клубот ќе се пресели на новиот стадион со капацитет од 20.000 гледачи.