На времето можеше да се пофали дека играше во друштво на најголемите во историјата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс, Рајан Гигс, Дејвид Бекам, Енди Кол и Оле Гунар Солскер.
Можеше да се пофали и дека како ученик и првотимец на Манчестер Јунајтед годишно заработуваше огромни 600.000 фунти, дебитираше за тимот од „Олд Трафор“ во 1997 против Ипсвич, а Северно-Ирецот Филип Малрајн (39) сега се најде на насловните страни во нова улога.
Стана римокатолички свештеник од доминиканскиот ред. На тој начин му се остварила животната желба на која одамна ѝ посветил внимание. По тој повод од римската столица допатувал надбискупот Јозеф Августин Ди Ноја. Малрајн минатиот октомври бил ракоположен за ѓакон.
На „Олд Трафорд“ Северно-Ирецот се бореше со неверојатна конкуренција па поголема минутажа побара во друг клуб. Во пролетта 1999 година потпиша со Норвич а од трансферот Манчестер заработи 500.000 фунти.
Во дресот на Норвич одигра повеќе од 160 средби и даде 18 голови. Често го мачеа и повредите. Фудбалскиот пат го продолжи во Кардиф каде стигна во 2005-та а играше уште и за Лејтон Оријент и Кингс Лин. За својата земја одигра 27 натпревари и постигна 3 гола, но дамка е неговото исфрлање од репрезентацијата пред 12 години поради недисциплина.
Свештеничкиот повик го прифатил во 2009-та а титулата ја добил после школувањето во Рим и во Даблин.