Полска фудбалска револуција: 53.000 луѓе на второлигашки меч, два клуба во ЛШ, шест во борба за титула

Полска почна да ги собира плодовите од големата чистка и системска работа од изминатите 15 години и прави гигантски чекори кон високото европско друштво. А таму каде што има ред и регуларност, има и вистинско спортско возбудување.

Полјаците доживеаа огромно разочарување во неодамнешниот плејоф за претстојното Светско првенство, откако беа поразени од Шведска (2:3) и со тоа останаа без визи за САД, Мексико и Канада. Сепак, тоа не им влијаеше на нивниот клупски фудбал и општата клима во него. 

Оваа сезона, полскиот фудбалски шампионат е еден од највозбудливите во Европа. Внимавајте добро, на 5 кола до крајот на сезоната, разликата помеѓу првото и седмото место на табела е само 6 бода. И ова е само логична последица од сè што е направено во Полска во последните години за модернизирање и експанзија на фудбалот.

Фудбалската федерација на Полска и Лигата пред неколку години сфатија дека фудбалот мора да биде структуриран како и секој друг бизнис. Па така воспоставија здрава пазарна конкуренција, хулиганството беше ставено под контрола, емоциите како товар од старите славни времиња, беа оставени настрана.

Многу клубови беа оставени сами да се справат со своите проблеми, што (во добра мера) резултираше со нивно воскреснување и неопходно реструктуирање. И сето ова на крајот доведе до воспоставување на потребните европски стандарди, воведување ред и регуларност во натпреварите.

А каде што има ред и регуларност, има и вистинско спортско возбудување. Таквата мешавина дополнително доведе до големи инвестиции, влез на приватен капитал во фудбалот, астрономски договори за ТВ права... Така, полскиот фудбал во моментов ги собира плодовите на сериозната, системска акција во изминатите 15 години, а тие се најдобро видливи преку посета на стадионите.

Викендов на пример, дерби мечот од втората лига меѓу Рух Хоржов и Висла Краков, го следеа од трибини неверојатни 53.314 гледачи. Да, добро прочитавте, и ова е всушност еден од најпосетените натпревари во светот изминатиот викенд. 

Сезонава, три клуба од првата лига имаат просечна посетеност поголема од 20.000 гледачи. Три се многу блиску до таа бројка, а уште шест се во опсег од 11-14 илјади. Сето ова дава вкупен сезонски просек од 13.274 и тоа е шеста година по ред во која посетеноста на стадионите е зголемена.

Статистиката покажува и дека во 2010 година, полските клубови имале просек од 5.247 луѓе по натпревар, што значи ова е зголемување од нереални 153 проценти, или најдобра посетеност од 1978 година.

Во втората лига, Висла ја гледаат над 25.000 луѓе по натпревар, Шласк околу 15.000, Рух близу 14.000...

Што се однесува до инфраструктурата, Полска има 30 стадиони со капацитет од над 10.000 гледачи, 12 над 20.000 и пет над 40.000. Дури 10 од нив спаѓаат во четвртата, највисока категорија според критериумите на УЕФА.

Залетот го фатија на почетокот на овој век, кога земјата ја доби заедничката организација на Европското првенство со Украина. Тогаш беа изградени три нови, модерни стадиони, по што, неповрзани со ЕП, беа реновирани поголеми, како што се оние во Хорзов, Краков, Забже, Бјалисток, стадионот Легија во Варшава...

Така, во рамките на споменатите 15 години, Полска доби десетина модерни стадиони, а фудбалската атмосфера за гледачите стана како оние во Шпанија, Германија, Белгија, Холандија, Италија...

Борбата за регуларност, која е всушност основа на сè, започна по судските реформи од 2003 година. Суштината беше во криминализацијата на делото местење натпревари. Само две години подоцна, беше започната голема чистка во форма на акција од страна на обвинителството и полицијата. 

Беа извршени над 200 апсења, 525 лица беа обвинети, а 448 осудени. Над 600 натпревари од првиот и понискиот ранг беа истражени и означени како сомнителни. Истрагата доведе до самиот врв, а тоа е Полската фудбалска федерација.

Така падна целото раководство, на чело со легендарниот поранешен фудбалер Гжегож Лата. Беа осудени играчи, тренери, функционери, судии, ТВ личности беа осудени... Судството ѝ зададе последен удар на корупцијата и Полска, по години стагнација, конечно можеше да продолжи напред.

На полските клубови им требаше многу време за да се опорават. Во првата деценија од 21 век, лигата не можеше да се пробие над 20-то место на ранг-листата на УЕФА. Во неколку наврати, беше под 25-та позиција. Периодот на транзиција дури донесе пад на 30-то место, зад Белорусија, Казахстан, Азербејџан, Бугарија, но потоа почнаа да пристигнуваат првите резултати од фудбалската револуција.

Во меѓувреме, Полјаците сфатија дека лудата потера по бонуси од УЕФА преку играње во ЛШ нема да ги однесе никаде (дека можеби не се подготвени за ова ново натпреварување), или дека станува збор за еднократни приходи кои не можат да гарантираат стабилност. Вистинскиот бум беше создаден со првиот богат договор за ТВ права, склучен со радиодифузерот Канал Плус.

Денес, овој обновен договор им носи на полските прволигашки екипи плен од околу 300 милиони евра, кои тие ги делат меѓу себе. Кога во приказната ќе се вклучат и другите спонзори, доаѓаме до фактот дека десетина клубови стигнаа до многу сериозни буџети. 

На пример, буџетот на Легија е 51 милиони евра, Лех е околу 40, Раков 20, Виецеј Лоѓ 19, Погон 15, а над 10 милиони се Горник, Висла Плок, Заглебје, Јагелонија...

Тоа не се пари што можат да им гарантираат успех во ЛШ, но токму тоа е поентата. Здравиот пазар доведе до тоа 7-8 клуба да се борат за титулата и сите тие да можат да обезбедат пласман во Лигата на Европа и Конференциската лига. 

Едноставно кажано, сега бодовите од УЕФА во полскиот фудбал ги носат и „малите“ клубови. Поточно, оваа сезона, покрај топ 5 лигите, само Португалците имаат освоено повеќе коефициентни бодови од Полска.

Ова им донесе скок на лигата на 12-та позиција, останувајќи во ТОП 15, и со тоа повторно загарантирани два учесници во квалификациите за Лигата на шампионите во сезоната 2027/28. 

Дури и ако не успеат повторно да стигнат до елитата, а не успеаа веќе 10 години, тоа нема да биде крај на светот. Создадена е финансиски одржлива и конкурента лига. 

Создадени се самоодржливи клубови кои работат здраво и даваат резултати. Публиката на стадионите е само последица, а таа доаѓа како шлаг на тортата.

21 април 2026 - 14:58