Полјакот од Џенова нема намера да застане, ги шие Игуаин и Роналдо

Само неколку дена откако пишавме за него, полскиот центарфор кој го носи нападот на Џенова, во неделата пак даде гол и сега е на бројка од 13 гола на 8 меча.

За полската сензација во Серија А се зборува ширум цела Европа. А за малку тој можел да не биде првиот полски бомбардер во екипата.

„Спортскиот директор уште го чува документот, ја видов првата страница“, рекол младиот шпиц Пјонтек за договорот на Роберт Левандовски со ’Грифони’.

Во 2010 година суперѕвездата на Баерн Минхен за малку не преминал во Џенова. Седел на иста маса на која летово седеле Пјонтек и спортскиот директор Марио Донатели но во Џенова решиле дека 4,5 милиони евра за младо анонимно момче од полската Екстракласа е голем ризик.

Непотпишаниот договор останал на маса - прво од небрежност а подоцна го сочувале затоа што имал смисла. Левандовски замина во Борусија Дортмунд каде стана можеби најдобар напаѓач во Европа, потоа отиде во Баерн каде ја потврди класата. Овој документ ја потсеќал управата на Џенова за глупавата одлука да не го купат Левандовски.

Кога се појавила шансата да го доведат Кшиштоф Пјонтек, претседателот Енрико Прециози не сакал да направи нова грешка со нов полски талент и платил исто колку што на времето му барале за Левандовски.

А 23-годишниот Пјонтек веќе даде 13 гола на 8 меча во Италија - со лева, со десна, со глава и од слободен удар. Интересно е што напаѓа од крило кон центарот при што користи слободна зона меѓу позициите - нешто како Тиери Анри на времето.


****

Во детството Пјонтек играл во дрес на Роналдо и се дивел на чувството за гол на Инзаги („Сакав да бидам како Пипо - тој не ја сакаше топката туку топката го сакаше него). Во младоста го копирав Левандовски, како ја прима топката на гради свртен со грб кон голот, како скока во воздушен дуел“, се сеќава Пјонтек.

Тој не се ограничил само на овие модели туку го собирал најдоброто од најдобрите.

Gazzetta dello Sport пишува дека за „Пиштолџијата“ (така го завикаа во Италија поради начинот на кој ги слави головите) на мечот Џенова - Парма дошле скаути на Барселона, Баерн и на сите италијански големи клубови.

****

Прв тренер на Пјонтек му бил татко му. Тој успеал да го отргне од компјутер и го будел секое сабајле во седум па до единаесет играле фудбал.

На 16 преоѓа во Лехија од неговиот роден град а теренот каде тренирал му бил 15 километри оддалечен од дома па Кшиштоф морал да се враќа по темници.

„Целиот пат и тренинг со враќање дома траеше два-три часа. Автобусот минуваше низ две или три други села, а стадионот се наоѓаше во реонот Ѓержонов. Кога ме фаќаше мрза тешката рака на татко ми ме отрезнуваше. Тој ме увери дека единствениот пат е напорен труд“, се сеќава Пјонтек.

Денес е главен играч на Џенова која со него сонува Европа.

Тренерот на клубот Давиде Балардини вели дека Понтек ќе стане ѕвезда. Летото тренерот планрал да го стави на крило затоа што според претседателот Прециози никој не го видел на друго место Понтек освен на Јутјуб.

Статистичарите покажале дека трча во просек по 11,23 километри а тоа се должи на неговата работа во средината на теренот каде им помага на соиграчите и учествува во пресингот.

Тој самиот признава дека од мал навива за Арсенал а каде ќе ја продолжи кариерата во иднина, ќе видиме во некој од следните преодни рокови.

8 октомври 2018 - 15:19