Додека повеќето поклоници на италијанскиот фудбал чекаа кога Кристијано Роналдо ќе даде гол за клубот од Торино, на стадионот „Луиџи Ферарис“ во Џенова младиот полски напаѓач Кшиштоф Понтек продолжи да ги освојува срцата на навивачите на “Грифони“.
На синоќешниот меч против Киево, Полјакот со број 9 го постигна шестиот гол на 5 меча во Серија А. Понтек пред неколку дена го сруши рекордот на Андреј Шевченко кој даде 4 гола на првите 4 меча во италијанската лига а сега го израмни рекордот на Мауро Зарате (Лацио, 2008), Зико (Удинезе, 1983) и Иштван Ниерс (Интер, 1948).
Со шест во првенство и ЧЕТИРИ ГОЛА НА ДЕБИТО, во Купот против Лече, на шест официјални натпревари, Понтек стигна до неверојатниот број од 10 погодоци - учинок за кој на некои фудбалери им требаат по 30 и кусур мечеви!
***
Во Шпанија прв стрелец во моментов е Андре Силва, човекот за кого Милан немаше чувство а растура во Севиља - 6 гола во досегашните 6 кола во Ла Лига (два синоќа против Реал Мадрид). Во Премиер лига лидер е Србинот Александар Митровиќ од Фулам со 5 погодоци.
Прв на листата на стрелци во Бундеслига е Словакот Ондреј Дуда кој има 4 гола на 4 средби а во Франција бомбардерите ги предводи Флоран Тован со шест погодоци. Најголемо изненадување во цела Европа после 5-6 недели клупски фудбал е сензацијата на Џенова - Кшиштоф Понтек (23).
Тотално анонимниот Полјак игра неверојатна дебитантска сезона во Италија. Во еден од најголемите пристанишни градови на Медитеранот, Понтек пристигна летово на мала врата од најстариот полски клуб Краковија во најстариот италијански клуб (дури петто најскапо платено засилување на Џенова летово).
Со неговиот потпис Џенова ја продолжи неколкугодишната традиција со ривалот Сампдорија да пробуваат со потенцијални бомби од Полска, Чешка и Словачка: ќе се сетиме на Шкринијар, Линети, Бережински, Ковнацки...
Колку новото чудо на полскиот фудбал и италијанската лига е непознат на јавноста говори и фактот што требаше да стане прв стрелец за луѓето да почнат презимето да му го изговараат правилно - Понтек а не Пјатек како што му се пишува. Во Полска неговото име значи петок, но во Италија веќе го завикаа „Пистолеро“ („пиштолџијата“) поради необичната прослава на головите.
Понтек е роден на првиот ден од јули во 1995 година во градот Ѓержонов кој на Европа и е познат по концентрационите логори од Втората светска војна и тешко страдање на локалното население. Од таа причина во овој град има многу повеќе спомен обележја, цркви и храмови отколку фудбалски терени.
Малиот Кшиштоф со топката се запознал во локалниот клуб Ѓевјонтка а подоцна станал член на попознатата Лехија Ѓержонов. По само една сезона во тимот од својот роден град, Кшиштоф се сели во 128-километри оддалечениот град Лубин.
18-от роденден го прославил во дресот на Заглебје каде дебитирал како полнолетен и каде за три сезони на 72 меча постигнал 15 гола.
Во август 2016 година за 500.000 евра преминал во реномираната Краковија со која потпишал 4-годишен договор. За две години во прволигашот постигнал 32 гола на 63 меча (11 во првата сезона).
Во летото 2017 тренер на Краковија станува Михаил Пробиеж кој во една прилика рекол: „Ретко јавно ги критикувам фудбалерите, но со Понтек едноставно не оди. Ако судијата не му свирне фаул не значи дека треба да седи на теренот и да мавта со рацете. Така не се однесува играч кој е капитен и кој сака да успее во кариерата. Кога не слуша што му зборам на тренинзите, можеби оваа изјава ќе го размрда. Време е да го смени пристапот“.
И го сменил. Откако на првите 16 меча дал само 5 гола, брзо на следните 20 средби прославил 16 гола и станал трет стрелец во лигата. Тоа ја охрабрило Џенова да извади 4 милиони евра на маса за Понтек.
****
Тифозите беа разочарани од нападот на Џенова лани затоа што 35-годишниот Горан Пандев ја носеше целата офанзива и со 5 гола за малку не стана најдобар стрелец на екипата (Лападула даде 6).
Официјално Џенова ја отвори сезоната на 11 август на домашен терен против Лече во Купот на Италија. „Грифоните“ ги згазија гостите од Лече со 4-0 а автор на СИТЕ 4 ГОЛА бил Кшиштоф Понтек и тоа пази сега: за само 37 минути!
Полјакот веднаш се потпиша во вечните книги на Џенова затоа што влезе во историјата како прв кој дал 4 гола на дебитантски меч. После неколку недели ги „малтретираше“ голманите на: Емполи (гол во 6’ минута за најбрз погодок на странец во Серија А и победа), Сасуоло (два гола во поразот од 5-3, Болоња (гол и победа), Лацио (пораз од 4-1) и Киево (победа од 2-0).
Втората сезона била како од соништата иако стартот не најавувал таков исход.
****
Џенова не ја повтори грешката од летото 2010. Тогаш познатиот полски менаџер Чезар Кухарски им го понудил младиот клиент Роберт Левандовски, центарфор на Лех Познањ. Енрико Прециози, газдата на Џенова под дрво и камен барал замена за Диего Милито кој година претходно отиде во Интер.
По кратко размислување, Прециози го одбил Полјакот и се решил за Лука Тони и Матија Дестро. Левандовски отишол на проба во Борусија Дортмунд која не жалела 4.750.000 евра за Роберт а неговиот пат до ден денес е добро познат.