1/4 финале на Еуро2024:
ФРАНЦИЈА - ПОРТУГАЛИЈА 0:0 (на пенали 5:3)
Актуелниот светски вицешампион ќе игра во големото полуфинале против Шпанија која ќе биде десеткувана без Мората, Карвахал и Ле Норман.
Куриозитет е што Франција стигна до полуфинале без постигнат гол од игра и без примен гол од игра. Имаа еден погодок од пенал и два автогола на ривалите.
Вечерва во Хамбург и Португалија и Франција излегоа со стандардните состави со кои играа во текот на целото Еуро2024, но повторно нападите на обете селекции потфрлија.
Артилерија како Мбапе, Кристијано Роналдо, Рафаел Леао, Дембеле, Жоао Феликс, Бернардо Силва остана во сивилото кое ги следи уште од групната фаза.
Голманите на двата тима Мењон и Коста немаа претерана работа, речиси сите удари кон нивните голови беа непрецизни или лесно совладливи.
Така се играше цели 120 минути додека не се стигна до пеналите. А таму трагичар беше Жоао Феликс кој ја погоди стативата во третата серија. Французите рутински ги реализираа сите пенали и заслужено одат во полуфинале.