Големиот број африкански фудбалери ширум Европа значи дека веќе не е ексклузива талентите од црниот континент да се набљудуваат на лице место во Африка. Така беше пред 10, 20 години, кога клубовите праќаа емирати на Африканскиот Куп, со задача да најдат некој нов бисер. Сепак, менаџерите и скаутите сакаат на дело да ги видат фудбалерите во друг контекст, како на пример како играат за сопствената земја.
Пет фудбалери што треба да ги држите на око во следните пар недели за време на Африканскиот Куп на нации:
ВИНСЕНТ АБУБАКАР - напаѓач, 22 (Камерун/Порто)
Абубакар најде малку простор откако минатото лето од Лориен премина во Порто, но во меѓувреме стана главен центарфор на Камерун. 22-годишниот Абубакар го сметаат за наследник на Самуел Ето. Фудбалерот на Порто тој примат го заслужи откако по дебаклот на Камерун на СП, успеа да ја однесе својата селекција на Африканскиот Куп на нации со четири голови во квалификациите.
Силен и брз, Абубакар има одличен прв контакт со топката, а тоа го докажа заедно со младиот соиграч Клинтон Н'Џие кога го декласираа Брегот на Слоновата Коска 4:1 во квалификациите. Двете селекции се главни фаворити за освојување на Купот.
ШАНСЕЛ МБЕМБА - стопер, 20 (ДР Конго/Андерлехт)
ДР Конго падна во исклучително тешка група, така што фудбалерот на Андерлехт ќе треба да биде на нивото и да командува со одбраната, онака како што игра во белгискиот клуб. 20-годишниот Мбемба веќе собра преку 50 настапи за Андерлехт и се очекува да го покаже својот квалитет во Екваторијална Гвинеја.
Мбемба често е споредуван со Винсент Компани, пред сè поради физичките предиспозиции со кои доминира пред својот гол. Селекторот на Конго во квалификациите го проба на местото последен играч за врска, но Мбемба се врати на својата природна позиција, централен бек.
ЕМАНУЕЛ МБОЛА - бек, 21, (Замбија/Хапоел Ранана)
Бекот на израелскиот тим беше најдобар играч во одбраната на Замбија на завршените квалификации за АКН. 21-годишниот можеби не е експлозивен како другите офанзивни бекови, но знае добро да ја задржи и загради топката пред конечното додавање.
ДИДИЕ Н'ДОНГ - везен играч, 20, (Габон/Лориен)
Еден од тројцата фудбалери на ЦС Сфаксиен, екипа која стигна до полуфиналето на Африканската Лига на шампиони минатата година. По тој натпревар, Н'Донг замина во Франција каде потпиша со Лориен. Го краси одличен преглед на игра и Габон сигурно го има најталентираниот фудбалер на Африка во својот состав.
БАБА РАХМАН - бек, 20, (Гана/Аугзбург)
Позицијата лев бек отсекогаш била проблем за Гана, но со појавувањето на Баба Рахман селекцијата доби големо засилување. Рахман беше член на генерацијата У20 на Гана која заврши трета на СП во Турција. За сениорите дебитираше во квалификациите за АКН.
Минатиот август потпиша со бундеслигашот Аугзбург. Одлично изведува прекини, а Гана по неколку негови асистенции даваше голови во квалификациите.
Турнирот почнува во сабота, а ќе учествуваат 16 селекции од континентот. Нигерија ја брани титулата освоена на минатиот Африкански Куп на нации.