„Не е важно да трчаш многу: фудбалот е спорт кој се игра со мозок“, зборувал на времето Јохан Кројф, најголемиот интерпретатор на тоталниот фудбал и татко на филозофијата на игра на Барселона во последните десетина години.
Лео Меси сериозно го сфатил овој совет: 8.414 метри истрчани во просек по натпревар во сезоната 2013/2014, 8.403 во сезоната 2014/2015 и сезонава 7.906 метри досега.
Во последните три изданија на Лигата на шампионите, 5-кратниот освојувач на Златната Топка трча сè помалку, но тоа не значи и дека неговите настапи не се одлучувачки. Меси не е физички граден како Кристијано Роналдо или Диего Коста, двајцата напаѓачи кој истрчаа многу километри сезонава, а истрчал и далеку помалку од нив. Играч кој буквално најмалку трчал сезонава во ЛШ е Налдо стоперот на Волфсбург кој има 198 см и 98 килограми.
Според статистиките на ФИФА за оние кои играле макар 180 минути сезонава во Лигата на шампионите, Аргентинецот е претпоследен по километражата. Пред него далеку се Фламини со 12.388 и Коке од Атлетико со 12.176 километри.
Малку трчање, но многу генијалност во Меси кој веќе даде 23 гола и 9 асистенции на 24 натпревари во ЛШ од 2013/2014 до денес. Решавал натпревари како никој друг.
„Сите тренери се концентрираат на тоа екипата да им трча повеќе, но за мене не е неопходно. Сакам играчи кои знаат да направат важни движења на мал простор, кои знаат да бидат на право место во право време и да ја даваат топката брзо, со еден допир без да трошат многу енергија на акции. Кој има топка има и ритам а на теренот има само една топка. Ниедна екипа не трча помалку од Барселона“, изјави Кројф пред неколку години.
Не залудно автобиографијата на Андреа Пирло се вика „Мислам значи играм“.