Договорот со Скај на Французинот му овозможува и несметано да учи за тренер, работа што можеби ќе го врати во клубот од северен Лондон. Преминувањето во Скај Спортс наводно чини 25 милиони фунти.
И покрај понудата од Њујорк Ред Булс од 3,75 милиони долари годишно, Тиери Анри (37) одлучи да се пензионира и да заврши со една од најславните кариери во модерниот фудбал.
„Да бидам искрен, не ми беше многу тешко да одлучам. Тешко е да се напушти играта што ја сакаш и сè она што правиш секојдневно. Но, задоволен сум од тоа што го постигнав и немам поплаки. Работите се случуваат со причина“, изјави Анри откако ја соопшти одлуката за повлекувањето.
Анри играше уште и за Монако, Јувентус и Барселона. Во кариерата освои 2 титули во Премиер лигата и 3 ФА купа со топџиите за кои играше од 1999. до 2007. година. Со Барселона освои Лига на шампиони и во 2012. се врати во Арсенал како позајмен играч од Ред Булс.
На прашањето зошто уште еднаш не се врати во Арсенал и таму да ја заврши кариерата, Анри вели дека тоа би бил лош потег.
„Се чувствувам како никогаш да не сум го напуштил Арсенал. Колку пати треба да се вратам? Сите го сакаме Роки првиот дел, ама не сум сигурен дека е така и за последниот“, вели Анри.
Напаѓачот е најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација со 51 гол, а дебито го имаше со Монако во 1994. година, пред точно 2 децении. Со Монако во 1997. година ја освои титулата во Лига 1.
Анри е прв стрелец и во историјата на Арсенал со 228 голови. Во 1999. година за 11 милиони фунти прејде од Јувентус во Арсенал, за кој настапи 376 пати. Тимот од Лондон го награди Анри за неговите заслуги со статуа со неговиот лик близу Емирати Стадионот.
Во 2007. година, Анри од Арсенал замина во Барселона за 19 милиони фунти и со Каталонците освои 2 првенства, Копа дел Реј и ЛШ во сезоната 2008/09. Со Франција го освои СП 1998. година и ЕП 2000. година. Во 2010. година премина во Њујорк Ред Булс и на 135 средби даде 52 гола во МЛС лигата.
„Би сакал да им се заблагодарам на сите навивачи, соиграчи и вработени во Монако, Јувентус, Арсенал, Барселона и Њујорк Ред Булс и секако француската репрезентација, која ме направи тоа што сум“, додава Анри.
Паралелно со улогата стручен консултант на Скај, Анри изјави дека ќе го учи занаетот од Арсен Венгер и од Пеп Гвардиола, неговите поранешни учители во Арсенал и Барселона. За Скај ќе почне да работи веднаш по Нова година, кога ќе им се придружи на Гери Невил, Џејми Карагер кои ги коментираат дуелите на Манчестер Јунајтед и Ливерпул. Анри ќе ги анализира дуелите на неговиот Арсенал во Премиер лигата и Лигата на шампионите.
Тиери Анри веќе има искуство како коментатор, затоа што годинава за ББС го коментираше СП во Бразил.