Пеналите не се купуваат со пари

Ударите од белата точка често пати се тема за расправии во која помалите клубовите ги обвинуваат гигантите со образложение дека имаат моќ и авторитет кај судиите кои полесно носат одлуки во нивна полза. Но првиот дел од сезоната не го потврдува баш ова.

Екипи од рангот на Барселона, Реал Мадрид, Јувентус, Милан и Манчестер Јунајтед сезонава не можат да бидат повод за критики дека се фаворизирани и потпомагани од судиите со досудени сомнителни пенали барем според бројката на досегашни удари од 11 метри.

Во Бундес лигата на пример екипата која добила најмногу пенали од судиите е 12-то пласираниот Хофенхајм кој шутирал седум пати во 17 кола. Еден помалку од нив извеле фудбалерите на Шалке и Борусија Дортмунд, а дури на четврто место е европскиот првак Баерн Минхен.

Во Шпанија Барселона и Реал Мадрид немаат најголеми привилегии кај судиите барем што се однесува до бројот на свирнати пенали. Тие имаат изведено по пет исто како и Леванте и Рајо Ваљакано. Прв на оваа листа е Атлетико Мадрид со пет искористени од вкупно седум.

Во Премиер лигата приказната е иста, бидејќи и таму ги нема на прво место најголемите екипи. Лидерот Арсенал шутирал само два пати, а најмногу Тотенхем со четири пенали, еден повеќе од тимот на Жозе Мурињо. Единствената екипа од ова првенство која не шутирала ниту еден пенал е Кардиф.

Во Италија најмногу имаат право да се жалат фудбалерите на Интер кои сезонава не шутирале ниту еден пенал, заедно со Парма, Аталанта и Киево. Најпривилегирани во Серија А не се Јувентус и Милан, туку Фиорентина и Џенова кои добиле по шест пенали. Четири има изведено Сасуоло.

Единствениот европски гигант за кој делителите на правдата најмалку го штеделе свирчето е ПСЖ со седум пенали кој заедно со Атлетико Мадрид и Хофенхајм за сега имаат најмногу соочувања со голманите во најголемите пет европски лиги.

8 јануари 2014 - 11:57