На почетокот на вториот дел фудбалер на „летечките магариња“ играше со рака во својот шеснаесетник па судијата досуди пенал. Но голманот Стефано Сорентино му го одбрани со прекрасна парада:
Ветеранот Сорентино и Кристијано имаа еден незгоден дуел на првиот меч од сезоната (во август 2018) па голманот заврши во болница со скршеница на носната коска.
Промашувањето на Роналдо не го спречи Јувентус убедливо со 3:0 да го совлада Киево (стрелци Даглас Коста, Емре Џан и Ругани). „Старата дама“ одново се одлепи на комфорни +9 пред Наполи.
Во трката за најдобар стрелец ништо не се смени - Сапата од Аталанта, Кваљарела од Сампдорија и Кристијано Роналдо имаат по 14 гола. Полјаците Кшиштоф Пјонтек (13) и Аркадиуш Милик (11) не отстапуваат.
РОНАЛДО ВАЖИ ЗА ОДЛИЧЕН ПЕНАЛЏИЈА
Кристијано во својата кариера реализирал 108 пенали од 130 изведени. Процентот на реализација му е 83%.
Но од сезоната 2015/2016 Роналдо има 9 промашувања (не го реализира секој четврти удар од белата точка).
Во Италија веќе има четири гола од пенал и има постигнато исто онолку голови колку и последнопласираниот Киево. На Светското 2018 во Русија, Кристијано промаши пенал на мечот против Иран, односно иранскиот голман Алиреза Беиранванд му одбрани и го попречи да го постигне петтиот гол на Мундијалот.
Утрово Роналдо отпатувал во Мадрид каде го чека судење за затајување на данок додека престојувал во Шпанија како играч на Реал. Според Reuters, тој се нагодил со судот да плати 18,8 милиони евра и процесот да финишира.