Парондо: Јас и Раул 80-90% ракометот го сфаќаме исто

Дали управата на РК Вардар доволно го засили ростерот на тимот кој го напуштија важни имиња, ќе видиме според резултатите во мај. Ама за тренерската смена не може да им се замери, бидејќи се решија за еден сличен Раул Гонзалес.

Тешко или можеби никој не веруваше дека Вардарци сезонава на првите 9 меча ќе забележат 9 победи. Пет од пет во СЕХА лигата и четири од четири во Лига на шампиони, особено ако се знае дека во поразените екипи стојат бранителот на титулата Монпеље и Веспрем на гости, како и Рајн Некар дома.
 
Од Вардар сезонава си заминаа шестмина, а дојдоа четворица ракометари. Тренерската клупа ја напушти Шпанец, но седна друг Шпанец, 10 години помлад од него со тренерско искуство кое му почна лани во Македонија.
 
Прво како асистент на Раул во македонската репрезентација, каде сè уште ќе ги гледаме заедно, потоа асистент на Ирина Дибирова во ЖРК Вардар, а од летоска како главен тренер во РК Вардар.
 
Колку и дали му тежи предизвикот што на 38 години со тоа кусо тренерско искуство, го доби да го тренира европскиот првак, не може да му се забележи, по резултатите па ич. Парондо е мирен лик и голем работник, сличен со Раул.
 
 
Што е тајната, кој е рецептот?
„Мислам дека најважно е да се работи нон-стоп, секој ден. Јас и играчите работиме напорно, на тренинзите се обидуваме да направиме нешто што сметаме дека би функционирало и би донело победи. Постојано сме заедно, цела недела тренираме и разговараме заедно и се обидуваме да најдеме начин како би било полесно. Не лесно, туку полесно“
Дали ви пречи што сите сè уште ве споредуваат со Раул?
„За мене не е проблем. Ние 80-90 проценти ракометот го сфаќаме исто. Јас играв со него кога имав 16 години, тој тогаш беше плејмејкер, а јас останав во тимот (Ваљадолид) шест години. Потоа бев во Сиудад Реал, каде што тој му беше помошник на Талант Душебаев уште шест години и затоа размислуваме многу слично за ракометот, како да играме, како да работиме и затоа сето тоа е природно“.
Целото интервју со Роберто Гарсија Парондо кој зборува и за репрезентацијата го имате на Спорт1.
10 октомври 2018 - 11:54