Пандев одговори на свирежите на Олимпико на професионален начин

И покрај тоа што ја спука со Лотито, трпеше мобинг и на крајот мораше да дојде до разделба со клубот по судски пат, сепак капитенот на македонската репрезентација не заборава кој го порасна како играч.

Горан Пандев синоќа беше еден од најдобрите поединци на гостувањето на Олимпико кое заврши 1:2 за Џенова, а резултатот го отвори со погодок во 55-та минута.
 
Веќе неколку сезони наназад, Пандев е пречекуван во свирежи од страна навивачите на Лацио, а исто беше и вчера кога Балардини го повлече од игра.
 
Но Пандев беше присебен, воопшто не возврати, туку напротив по мечот даде доста коректна изјава покажувајќи респект кон неговиот поранешен клуб.
„Одигравме одличен натпревар и по два порази во низа, вечерва го дадовме максимумот и славевме заслужено. Мечот го подготвивме добро и заслужено ги освоивме овие три бода кои се важни за табелата“.
Свирежите?
„Секогаш ќе му бидам благодарен на Лацио кој ме израсна и каде го давав максимумот за овој дрес. Сега сум во Џенова и работа ми е тука да го давам максимумот“.
Балардини?
„Сега излеговме од опасната зона, освоивме многу бодови со него, одбраната е подобрена и кога играме вака имаме повеќе простор“.
ВАР?
„Ако виделе дека е игра со рака тогаш во ред. Од утре веќе ќе мислиме на следниот меч“, изјави Пандев.
Тренерот на Џенова не штедеше зборови за нашиот репрезентативец
„Пандев е извонреден. Знае точно што треба да направи со топката и секогаш е тука да им помогне на колегите“, изјави Балардини.
Тиквата меѓу навивачите на Лацио и Горан Пандев пукна кога тој како играч на Наполи постигна гол на Олимпико и го прослави со провоцирачки гест, за кој потоа објасни дека се однесувал на Клаудио Лотито, а не кон нив.

Од тогаш тие го свират на секој меч и не бираат зборови за него на социјалните мрежи.
 
Откако си замина од Рим во 2009-та, Пандев шест пати ја затресе мрежата на Лацио. Еднаш како играч на Интер, два пати во дресот на Наполи и три пати откако е во Џенова. Минатата сезона даде гол против Лацио и во Куп и во првенство, а синоќешниот погодок му беше само втор оваа сезона.
 
Пандев одигра пет незаборавни сезони за Лацио каде созреа како играч и каде беше еден од водечните алки во тимот со кој го освои првиот трофеј во Италија, националниот Куп (2008/2009) и со кој дебитираше во Лига на шампиони.
 
Тој сè уште го држи приматот на најдобар стрелец меѓу странците во Лацио со еден гол повеќе од легендата Мирослав Клосе и се наоѓа во топ 10 листата на стрелци во историјата на клубот.

6 февруари 2018 - 10:50