Освојуваа Златна топка, но не и Лига на шампиони

Фудбалската епоха памети 10 фудбалери кои ја добија наградата за најдобар играч на светот, но никогаш не го кренаа престижниот трофеј од елитната Лига на шампиони.

ОМАР СИВОРИ

Легендарниот напаѓач на Јувентус никогаш немал прилика да го го освои престижниот пехар на клупско ниво. Најблиску беше во четвртфиналето во кое италијанскиот тим загуби од Реал Мадрид во третиот повторен натпревар во Париз. На почетокот на 60-те години важел за арихтект на сите успеси на Старата дама во Италија.

ОЛЕГ БЛОХИН

Украинецот е првиот фудбалер од поранешниот Совјетски сојуз кој бил избран за најдобар играч на светот. Талентиран и брз, Блохин до наградата стигна во 1975. година, кога заврши пред Бекенбауер и Кројф. Динамо Киев доминираше со него во екипата во 70'-те и 80'-те години. Најблиску до пехарот во КЕШ беше во 1977, но загуби од Менхенгладбах на Симонсен.

АЛАН СИМОНСЕН

Единствениот Данец во историјата што освоил Златна топка за најдобар фудбалер на светот. Ја освои во 1977. година како играч на Б. Менхенгладбах. Неверојатниот напаѓач, низок по раст, му донесе на својот тим титула во Бундеслигата, но загуби во финалето на КЕШ од Ливерпул (1-0 Кевин Киген). После две години го освојува Купот на УЕФА со Менхенгладбах, а подоцна истиот куп и со Барса.

РОБЕРТО БАЏО

Врвот во клупската кариера на Роби е 1990. година и освојувањето на Купот на УЕФА против Фиорентина. Целта на Јувентус таа сезона беше да направи скок во квалитетот во Италија, откако Милан доминираше со Ариго Саки и да стекнат поголемо внимание во Европа.

ЏОРЏ ВЕА

Либериецот е првиот фудбалер надвор од Европа кој ја добил најважната индивидуална награда во светскиот фудбал. После Милан одигра и две спектакуларни сезони во ПСЖ, но не успеа да го го освои Купот на европските шампиони.

ЛОТАР МАТЕУС

Германецот 21 година беше дел од елитата, но остана уште еден историски играч на кој му избега најдрагоцениот наслов на клупско ниво. Од сите 10 играчи на листава, тој беше најблиску до пехарот во ЛШ, но во Барселона му се случи болниот пораз од Манчестер Јунајтед во судиското продолжение.

РОНАЛДО

Бразилецот е единствениот играч што два пати ја освои наградата Златна топка без никаков шампионски појас од ЛШ околу себе. Незаборавните сезони во Барселона и Интер не му овозможија да го покаже својор раскошен талент на континентално ниво. Со Барселона не играше во ЛШ затоа што Каталонците не се квалификуваа таа година. Повредите го спречија да биде протагонист во дресот на Интер, а во Мадрид беше најблиску кога стигна до полуфиналето каде испаднаа од Јувентус.

МАЈКЛ ОВЕН

The Golden Boy, златното момче на англискиот фудбал блесна под водство на Жерар Улије, кога Овен беше лидер на екипата и на репрезентацијата. Во Лигата на шампионите најдалеку стигнал до четвртфиналето каде во 2002. година Ливерпул испадна од Баер Леверкузен.

ПАВЕЛ НЕДВЕД

Како и Лотар Матеус, така и Чехот Недвед стигна до финалето на Лигата на шампионите. Чешката фурија одигра неверојатна сезона во 2003. година и беше најзаслужен за пласманот на Јувентус во финалето на Олд Трафорд, каде не настапи поради суспензија. Неговиот Јуве загуби од Милан на пенали, а Недвед таа година стана најдобар фудбалер на светот.

ФАБИО КАНАВАРО

Несомнено еден од најзаслужните за сите успеси на Италија. Но, на клупско ниво неговата биографија е прилично скромна во споредба со останатите добитници на Златната топка. Ниту со Јувентус, ниту со Реал Мадрид не се качи на највисокиот европски врв.

5 јуни 2015 - 15:26