И да биде и да не биде ова негово последно поглавје во фудбалската кариера, Хавиер Савиола дефинитивно влегува во нашата рубрика на Офсајд ликови. Нејасно е како фудбалер кој играл во напад со Роналдињо и Ето ќе се мотивира во Андора.
Се работи за фудбалска лига од 8 екипи, каде фудбалерите од работа одат на тренинг, а Савиола ќе биде дел од клубот Ордина, формиран во 2010-та кој има капацитет од 1.500 седишта. Маалски турнири кај нас собираат повеќе публика.
Не е целосно дефинирана неговата функција, бидејќи Савиола има договор како играч-асистент тренер кој остана од клупа да го гледа првиот меч на Ордина која загуби од Луситанс 1:0.
Тој првично ќе работи со јуниорите и се очекува да помогне и во првиот тим, но не е исклучена и можноста да заигра бидејќи официјално се нема повлечено од играчката кариера.
Савиола е без ангажман од јануари годинава откако раскина со Ривер Плејт каде ја почна кариерата во 1998-ма. Како младинец блесна со 45 гола за три сезони во Ривер, а во 2001-ва стана Светски првак со Аргентина У20. Тоа беше доволно за Барселона да го купи на 19 години за 15 милиони фунти.
Играше под водство на Ван Гал и Рајкард, беше на позајмица во Монако и Севиља, а потоа ги носеше дресовите и на Реал Мадрид, Бенфика, Малага, Олимпијакос и Верона.
Хавиер Савиола не е дека влезе во рангот на најдобрите светски напаѓачи бидејќи освен во Барселона никаде не стигна до бројка од 20 голови во една сезона, но зарем со неговото име и репутација не можеше да најде подобра работа.