Офсајд лик: Габигол

Да заиграш во Серија А на 20 години, да те платат 30 милиони и на крај да речеш дека ти треба добар одмор, а си дремел цела сезона на клупа треба стварно да си многу свилен. Ајде дете во нашата омилена рубрика.

Не се сите фудбалери од Сантос, Нејмар и тоа е јасно како ден, а најмалку изминатава сезона таков беше Габриел Барбоса или популарниот Габигол на кој поради очајната сезона која ја одигра, прекарот треба да му се скрати за три букви.
 
Младиот надежен Бразилец на 27 август 2016-та потпиша 5 годишен договор со Интер вреден 30 милиони евра, а првиот гол го постигна дури на 19 февруари 2017-та кога на гостувањето против Болоња влезе како резерва и го реши мечот.
 
И толку, тоа беше прв и последен негов гол во Серија А во сезоната која заврши неодамна. За најавуваниот голем талент Интер даде многу пари, а доби резерва која одигра 9 меча и постигна само гол.
„Дојдов во Бразил за да се одморам убаво и секој момент го користам за одмор. Тука можам да останам во град до доцна, имам повеќе време за себе, можам да патувам, но се уште не сум одлучил каде ќе одам. За почеток ќе одам до Рио, а потоа ќе сменам локација“, вели 20 годишниот Габигол.

И тука го прашуваме малиот од што се умори толку кога во 9 месеци престој во Милано му се собраа вкупно 183 минути на терен.
 
Што да каже Аспликуета, единствениот фудбалер на Челси кој ги одигра сите минути во Премиер лигата изминатава сезона. Знаете ли колку се тоа? 3.420 минути.
 
Габигол има уште четири години од неговиот договор со Интер, но ако толку се уморува од седење на клупа, тешко дека уште долго време ќе биде во клубот кој следна сезона според најавите ќе го води строгиот Спалети.
 
Само да знае тој колку се уморни навивачите на Интер од пропаднати таленти.
9 јуни 2017 - 13:02