Иранскиот голман е еден од малкумината луѓе во светот кој може да каже: „Му одбранив пенал на Кристијано Роналдо“.
Всушност тој е првиот голман во историјата кој успеал да му фати пенал на португалски играч на Светските првенства.
Неговиот пат до Русија е многу повеќе од херојство. Тоа е инспиративна епска животна приказна која се состои од неверојатни почетоци на едно храбро момче, сега најважна алка во иранскиот национален тим кој во 94-та минута беше печен за осминафинале.
Чуварот на голот на Иран е роден во Сарабиас во номадско семејство кое шетало низ земјата во потрага по пасишта за своите овци. Алиреза пак почнал да игра фудбал уште како дете. Прво бил напаѓач, но кога се повредил голманот, токму него го префрлиле меѓу стативите како земена.
Неговите родители не го одобриле тоа што сакал да игра фудбал и сакале да работи со нив.
„Татко ми воопшто не го сакаше фудбалот и тој ме замоли да работам. Дури и ја искина мојата опрема со се ракавиците по што неколку пати бранев со голи раце“, објаснува Алиреза.
Поради тоа тој избегал од дома, позајмил пари од роднина и заминал со автобус во Техеран уште како тинејџер. Додека патувал се запознал со Хосеин Фејс, кој управувал со локален тим. Му понудил да тренира, а за возврат побарал 200.000 томани (30 фунти).
Но Алиреза немал толку пари, а ниту место за спиење. Поминал неколку вечери околу кулата Азади, место каде се собираат сиромашни мигранти. Сам се борел за да си пронајде место за спиење и работел сè и сешто за да се одржи финансиски.
„Спиев и до вратата на еден фудбалски клуб и кога станав сабајлето забележав монети кои луѓето ми ги оставале. Тие мислеле дека сум просјак, па за прв пат после долго време имав вкусен појадок“.
Конечно Фејс се согласил да му даде можност на Беиранванд да тренира без надоместок и му наложил на капитенот на тимот да го поддржи. Алиреза престојувал во куќата на колегата две недели, а потоа се вработил во фабрика за облекување која ја држел татко на друг клупски колега.
Следно работел во автоперална и поради висината станал специјалист за перење џипови. Еден ден му го перел џипот на легендата на иранскиот фудбал, Али Даеи кој пред 20 години играше за Баерн Минхен.
Колегите го охрабрувале и му рекле да побара совет или помош од него за да има прогрес во кариерата, но тој не ги послушал и сакал сам да си го пронајде патот.
„Знаев дека ако разговарам со Господинот Даеи, тој сигурно ќе ми помогнеше, но се срамев да разговарам со него и да му кажам за мојата ситуација“.
Брзо после тоа се запознал со тренерот на Нафт Техран и се преселил таму. На почеток му дозволиле да спие во клупските простории, но не за долго. Па така нашол работа во пицерија, каде после можел да престојува преку ноќ.
Таму му се случил уште еден непријатен момент, слично како во автопералната. Во пицеријата влегов неговиот тренер, кој не знаел дека работи таму, па голманот не сакал да го служи. Газдата го принудил да го стори тоа и по неколку дена ја напуштил и пицеријата.
Алиреза барал друга работа каде истовремено ќе му дозволат и да преспива и прифатил да работи како чистач на улица. Понекогаш ќе му се паднело сам да го исчисти цел парк по што не бил физички способен за фудбал.
Тренерот на Нафт го отпуштил со образложение дека тренирал и во друг клуб, па потоа заминал во Хома, каде не сакале да му дадат договор. Во тие моменти чувствувал дека неговиот сон умира. Но тренерот на Нафт за играчи до 23 години го повикал и му рекол дека ако не потпишал договор со нов клуб, тогаш може да се врати.
„Можеби беше судбина тоа што тренерот на Хома не сакаше да ме потпише. Ако оставен во тој клуб, можеби никогаш немаше да стигнам до нивото на кое сум денес“.
Беиренванд почнал да расте фудбалски. Станал прв голман на Нафт Техран и селекцијата на Иран У-23. Од многу фрлање камења, тој станал способен да ја дегажира топката многу повеќе од другите голмани.
По шест години престој во Нафт, Беиранванд во 2016-та направил трансфер во Персеполис со кој освои две титули по ред, а една година претходно стана прв голман на Иран со кој на дури 12 меча не прими гол на квалификациите и обезбеди пласман на Мундијалот во Русија.
„Страдав многу во животот за да ги остварам моите соништа, но немам намера никого да заборавам од тие што ми помогнаа и ми дадоа шанса, бидејќи тие ме направија личноста која што сум сега“.
Тоа е таа неверојатна позадина која се крие зад срамежливото и храбро момче кое синоќа му фати пенал на Кристијано Роналдо. Има само 25 години, што значи се надеваме дека ќе го гледаме и на СП 2022.