Од банкрот пред 10 години и нов почеток од четврта лига, стигнаа до Лига на шампиони

По долго време, Шкотска ќе има два претставника во групната фаза од ЛШ, Селтик и Глазгов Ренџерс, кој после сè што преживеа, успеа да се врати во најславното фудбалско друштво.

Во 2012-та година Ренџерс го допре дното и беше шокиран откако мораше да се соочи со најнепосакуваното сценарио, а тоа е банкрот.

Сè почна од лошото и недомаќинско работење на тогашниот нов сопственик на клубот, Крег Уајт, кој во 2011-та ги купи мнозинскиот дел од акциите.

За само една година направил долг кон државата од 9 милиони фунти и кога полицијата почнала со истрага, установила дека тој имал „нечисти раце“ и плус немал право да се занимава со должноста директор во која било британска компанија.

Уајт земал кредит од 28 милиони фунти, а во залог го ставил клубот. Поради неговиот финансиски дебакл, Ренџерс отиде во стечај и го исфрлија во четврта лига.

Најтешкиот пат во историјата на клубот до старите патеки почна со неговиот наследник Дејв Кинг, инаку роден во Јужна Африка, но со шкотски корени.

Кога во 2014-та го купи пакетот акции, 10,71% од нив станаа сопственост на навивачката група „Club 1972“. Тие влегле во структурата на клубот и присуствувале на сите собири на акционерите.

Тогаш на „Ајброкс“ се купувале многу сезонски карти за да му се помогне на клубот, а се направила иницијатива, тие што некогаш не можат да присуствуваат на некој натпревар, да ги продаваат, само за да се слеваат што повеќе пари во клупската каса.

Замислете, во четврта лига Ренџерс имаше неверојатна посетеност од 49.000 гледачи.

Чекор по чекор, се бореше јуначки да се врати онаму каде што му е местото и по неколку тренерски смени, во Глазгов го пречекаа славниот Стивен Џерард кој ги презеде во 2018-та.

Под неговото водство се вратија и насмевките на навивачите, особено во сезоната 2020/2021, кога на шест кола до крај Ренџерс блесна и По 10 години пауза ја освои шампионската титула.

И тоа не било која, туку рекордна 55-та, со што беше прекината доминацијата на најголемиот ривал Селтик кој 9 години не го даваше тронот.

Во денови кога уште стоеше забраната за одење на стадион поради пандемијата, навивачите направија голема фешта низ улиците, а Стиви им се појави на прозор.

Една година подоцна, Глазгов се вивна високо и во Европа. Прво се пласираше во Лига Европа и тоа успеа да стигне до финале, кое на 18 мај годинава го загуби од Ајнтрахт Франкфурт на пенали.

Само три месеци подоцна слави пласман во групна фаза од Лига на шампиони, каде само на старт ќе инкасира 18 милиони евра.

Погледнете како може еден фудбалски колектив да напредува во само една деценија:

2012 - Прогласен банкрот
2013 - Промоција од 4 лига
2014 - Промоција од 3 лига
2016 - Промоција од 2 лига
2021 - Шампиони на Шкотска
2022 - Финале во Лига Европа
2022 - Пласман во Лига на шампиони

25 август 2022 - 13:42