Уште кога му траеше кампањата за претседател на ФИФА, Џани Инфатинотж истакнуваше две важни точки за кои ќе се бори во фудбалот. Тоа се воведување на повторена или забавена снимка и нула толеранција во Финансискиот фер плеј.
Првото правило кое е најавено од страна на ФИФА се очекува да биде воведено како пробно во период од две години и се смета за револуционерно или нешто што не се случило во 112 годишното постоење на светската куќа на фудбалот.
Се работи за технологија како во тенисот, односно право на гледање на забавена снимка на монитор преку која ќе се расчисти одредена спорна ситуација. Ќе бидат земени предвид моменти како сомнителен пенал, голови од можна офсајд ситуација, црвени картони со груби стартови и дали топката ја минала аут линијата.
Сите овие ситуации ќе бидат контролирани на монитор само кога судијата ќе ја прекине играта, а екипите тоа ќе смеат да го побараат од него само доколку тој даде знак со свирчето. Во спротивно играта продолжува.
Тука не влегуваат доделувања на жолти картони и фаули кои се направени надвор од шеснаесетникот. Покрај тестот со правилото „користење на забавена снимка“ за кое ФИФА треба да одлучи овие денови во игра се уште неколку новитети.
Можно е воведување на четврта измена на играч, но само кога се играат продолженија од два пати по 15 минути. Потоа укинување на црвен картон за прекршок за пенал освен ако тоа биде намерен фаул за да се спречи гол.
Играта со рака нема да биде санкционирана со жолт картон, освен ако играчот се обидува да се спречи акција за гол.
ФИФА истакнува дека и покрај евентуалното воведување на забавена снимка за спорните ситуации, главниот судија е тој кој ја носи последната одлука. Овие правила значат и подолго траење на натпреварите односно колку повеќе прекини толку подолго времетраење на мечевите.
Тоа што Блатер и Платини не сакаа да го воведат и се противеа за време на нивната фудбалска моќ, сега преку Инфантино може да стане реалност која ќе внесе поголема регуларност на резултатите и помалку полемики од типот: Имаше ли тука пенал? Беше ли ова за црвен? Па зарем ова е офсајд, каде гледа судијата?
85 годишниот Алдо Бискарди, инаку познат водител во Италија води емисија за фудбал од 1980 година каде главната точка за која се залага во овие 36 години е воведување на ова правило кое тропа на вратата на фудбалот.
Мислењата на стручната критичка маса во Италија се поделени. Тезите на едните е дека новата технологија треба да се користи во целост со што би се намалиле судиските грешки, а другите сметаат дека така ќе се загуби динамиката во фудбалот.