Локомотив Москва важи за еден од најголемите руски клубови, припаѓа во големата четворка на тамошниот фудбал и е спонзориран од некои од најголемите државни компании.
Пандемијата со коронавирус и последиците од неа ги погодија сите клубови без исклучок, затоа што нема фудбал, нема пари од тв права ниту од продадени влезници и реклами.
Многу клубови се решија да ги скратат платите на своите играчи и вработени во клубот. Почнувајќи од Барселона каде Меси и соиграчите прифатија дури 70% помала плата додека трае глобалната криза, па се до најмалите клубови насекаде по светот.
Но во Локомотив Москва играчите и тренерот не прифаќаат намалување на плати. На чело со капитенот Ведран Чорлука тие одбиле да се откажат од 40% од своите примања за април и мај како што претходно прифатија фудбалерите на Зенит, ЦСКА и Спартак Москва.
Целата „манџа“ ја запржи и тренерот Јури Сјомин кој го однесе овој клуб до групна фаза од Лига на шампиони. Тој јавно и отворено застанал на страна на играчите.
Сјомин изјавил дека не му е јасно зошто клубот би намалувал кога во последните две сезони преку пласманот и играње во Лига на шампиони Локомотив заработил 50 милиони евра.
„Играчите му овозможија на клубот сериозна заработка по пласманот во групна фаза на ЛШ две годин ипо ред. Поради некоја причина не се обрнува внимание на тоа. Затоа немојте да ги кривите дека се алчни и неблагодарни и дека не мислеле на клубот кој ги храни. Ова е заеднички процес, попрво испаѓа дека играчите го хранат клубот отколку тој нив“, напишал Сјомин (72) во колумна за најчитаниот руски спортски портал „Спорт Експрес“.
Тој додава:
„Ситуацијата со коронавирус е непредвидлива. Сведоци сме дека голем број фирми и организации добиваат одредена помош од владите на своите држави за да се изборат со проблемите. Веројатно и нашата работа има право на тоа. Зошто никој не збори за кратење на платите во државната Дума? На фудбалот сега треба да му се помогне а не само да се собира пари од играчите. Фудбалот е голема и важна индустрија, а денес го нема за да расположи голем број луѓе. Месец дена нема фудбал, поради што милиони луѓе не знаат како да се однесуваат и што да гледаат на тв. Фудбалот и спортот се важен дел од сечиј живот.
Од договор со клубот не живеат само играчите туку и нивните семејства.
Најлесно е да се каже 'Откажи се од дел од платата'. Многу е потешко да се однесуваш кон фудбалерот со должна почит. На крајот, тие момци произведуваат емоции кои денес многу ни фалат, не го заборавајте тоа.
Од договор со клубот не живеат само играчите туку и нивните семејства. Некаде тоа се големи семејства како што е случај со нашите Бразилци. Синови, браќа, роднини и сите останати зависат од тоа што ќе им прати фудбалерот од Русија. Многу руски играчи се во слична ситуација доаѓаат од сиромашни семејства, помали средини каде нивните најмили немаат работа. Не заборавајте дека цела фамилија зависи од нив.“, рекол ветеранот меѓу руските тренери.
Локомотив Москва сезонава играше во група со Јувентус, Атлетико Мадрид и Баер Леверкузен.