Никогаш не вели никогаш - Давиде Сантон

Повремениот италијански репрезентативен бек замина од Италија во 2001. година, кога изјави дека во земјата би се вратил само за да игра во Милан. Манчини сега му дава втора шанса, но навивачите не го сакаат.

Со Марио Балотели делеше сè: Беа младинци во Интер, дебитираа за првата екипа, напредуваа од натпревар во натпревар, освоија титула и учеа од Мурињо. Давиде Сантон сега ризикува да има иста судбина како неговиот добар другар, кој навивачите на Интер не сакаат да го видат.
 
Виновна за тоа е неговата реченица: “Не се враќам никогаш во Интер и Италија, можеби во Милан“. Со тоа во 2011. година го навлече гневот на интеристите пред да замине во Њукасл. Сега има прилика да помине низ патот на Балотели, ќе се врати во Милано, но не во Милан за кого навива Марио, туку во Интер. А навивачите го чекаат „на нож“.
 
Бајката на Сантон почна пред точно шест години, кон крајот на јануари 2009. година. Во само пет дена, Сантон како 18-годишен дебитираше за првиот тим на Интер (победа од 2:1 против Рома во Купот) и во Серија А против Сампдорија 1:0. По еден месец Сантон заигра и во Лигата на шампионите и тоа против Манчестер Јунајтед (0:0) во првиот осминафинален дуел на Меаца.

Сантон на тој натпревар се прослави со тоа како го чуваше Кристијано Роналдо, тогаш 24-годишен со Златната топка во рака. Спортската дрскост што ја покажуваа со Балотели на теренот им даваше надеж на навивачите на Интер дека тоа што е Малдини за Милан, сега би можел да стане Сантон за Интер.

На крајот од сезоната 2008/2009, Сантон доби повик од Марчело Липи за италијанската репрезентација. Универзалецот (игра на повеќе позиции), сезоната освои титула со Интер, благодарение на головите на Балотели, кој секогаш прославуваше со Сантон. Следната сезона започна малерозно, Сантон се повреди и немаше никаков удел во тројната круна на Жозе Мурињо со Интер. По Специјалниот, во Интер дојде Рафа Бенитез, кој во јануари го даде Сантон на позајмица во Чезена во замена за Нагатомо. На крајот од сезоната, Давиде Сантон замина во Њукасл.

Сепак, Интер не го заборави, а Сантон на неговиот Фејсбук профил напиша „Животот е чуден. Никогаш не би помислил дека можам да се вратам. Сакам да им се заблагодарам на Њукасл, на навивачите и на градот за сите убави моменти во изминатите три ипол години.“

Навивачите на Интер веднаш кренаа глас и коментираа против неговото враќање, по што Сантон го избриша постот. Сантон повторно ќе заигра за Интер (како позајмен од Њукасл), само тешко дека догодина ќе има прилика пак да се чува со Кристијано Роналдо, затоа што како стојат работите, миланскиот клуб тешко дека ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите.