Ни Игуаин, ни Икарди - миленикот на Бока ќе ја вади Аргентина

Откако неколку пати се сопнаа на патот кон Светското, фудбалерите на Аргентина предводени од Меси и селекторот Сампаоли немаат право на кикс против пријатното изненадување Перу.

АДУТОТ ВО РАКАВОТ НА САМПАОЛИ

Дарио Бенедето е малку познат во Европа. Напаѓачот на Бока е најдобар стрелец во првенството на Аргентина. Минатата сезона дал 21 гол а сега има 5 гола на 5 меча и е миленик на „Бомбонера“, место каде Selección ќе бие клучна битка за пласман на СП (1:30 после полноќ).

Едно од најавторитетните аргентински изданија, познатиот Olé на крајот од септември направил анкета во која од читателите барал да кажат кого сакаат да го видат во нападот од репрезентацијата - Икарди или Бенедето. До вчера вечер гласале 130.000 луѓе - Бенедето добил 76% од гласовите а Икарди само 24%.

Беенедето игра во неверојатна форма откако минатиот 5. септември дебитираше во дресот на Аргентина. Од еден кој за една година го избрка духот на Карлос Тевез од Бомбонера и кого пријателите го викаат ’Пипа’ не можеш да очекуваш дека ќе стигне да го води нападот на Аргентина.

Ни самиот не очекувал, но се случи. Го прати на клупа Икарди и го врати дома попознатиот ’Пипита’.

Диего Беенедето е човекот кој луташе меѓу Мексико и Аргентина а на крајот се скраси на стадионот на Бока каде Аргентина ќе игра решавачки меч за пласман против Перу (трибините се поблизу до теренот отколку на стадионот на Ривер па федерацијата за позаглушувачка атмосфера го префрила мечот таму).

Диего Бенедето не е баш млад, но на 27 години може да каже дека созреал во целост. Роден е во Беразатегуи, град југо-источно од Буенос Аирес. Израснат е со легендарната „12“, навивачката група на Бока Јуниорс.

Отсекогаш сонувал да игра за овој клуб. Сепак на 12 години морал да го напушти фудбалот затоа што додека играл во финалето на Младинската Лига со децата на Индепендиенте, мајка му Алисија починала од инфаркт на трибините. После 4 години, Дарио се враќа во фудбалот и од почеток почнува во Арсенал Саранди. Го ставаат со младинците и тој го напушта школото за да му помага на татко му Уго на градилиште.

„До 14 часот работев како малтерџија, а попладне тренирав“, раскажува Бенедето.

Блеснува меѓу младинците и на 9 ноември 2008 година дебитира за првиот тим на Арсенал Саранди во поразот од Бока Јуниорс. Но клубот не сметал дека тој е спремен па го праќа на „дошколување“ во Дефенса е Џустисија а потоа во Химнасија Џујуј каде ќе даде 11 гола на 19 меча.

Во 2012 година се враќа во првата лига како играч на Арсенал Саранди и ги освојува Клаузура и Купот. Но повторно немало доволно место за него и ја напуштил земјата во потрага по среќа во Мексико.

Таму дебитира лудачки за клубот Тихуана со хет-трик во ремито 3-3 против Атлас. На крајот од сезоната имал дури 21 гол, доволно да ја убеди големата Клуб Америка да потроши 8 милиони долари за него на крајот од 2014-та.

Во главниот град на Мексико, аргентинскиот центарфор помина две сезони и во април 2015-та се прослави откако постигна три гола во КОНКАКАФ Лигата на шампионите против Монтреал Импакт (на гости 2-4 на Сапуто Стадионот во Канада). Со неговите три гола мексиканскиот Клуб Америка ја освои шестата титула во американската Лигата на шампиони.

За само две сезони Бенедето постигнал 49 гола во Мексико и тоа било пасош да се врати во татковината. Во Бока.

ХЕТ-ТРИК ЗА 18 МИНУТИ И СТАНА ИДОЛ

За да го облече дресот на клубот за кој навивал и на сон, “Ел Пипа“ се откажал од 1 милион долари плата и на 6. јуни 2016-та го оствари сонот. А на 25. септември влезе во срцето на навивачите на Бока Јуниорс.

Со три ефектни гола за само 18 минути и една асистенција со петица против Килмеш ја воодушеви преполната Бомбонера. До тој момент поминале цели шест години како никој не постигнал хет-трик на овој легендарен стадион. Последен бил, очекувано, Мартин Палермо против Колон.

На крајот од минатата сезона имаше 21 гол на 25 меча прославени со 32. титула државен првак во историјата на Бока. Во сите натпреварувања постигна вкупно 31 гол на 38 меча со што го сруши личниот рекорд во кариерата.

ШАНСА ДА Ѝ ПОМОГНЕ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА

Со убиствена ладнокрвност, почетна брзина и снажност во дуелите, Бенедето ќе го предводи нападот на Аргентина до крајот од квалификациите и евентуално на Светското 2018. Висок е метар и 75 а тежи 70 килгорами. По авантурата низ Јужна Америка сега сака да се скраси во дресот на својата земја и да ја однесе на Мундијалот.

За себе, за мајка му која што го гледа од небото, за цела една земја која што веќе го споредува со Мартин Палермо, јунакот со чив гол во 93’ минута против Перу Аргентина отиде на Светско 2010.

Противникот ќе биде истиот како пред 8 години. Стадионот ќе биде истиот на кој Бенедето од мал одел да ја бодри Бока и на кој освои титула и стана најдобар стрелец. Којзнае, можеби затоа селекторот Сампаоли се реши за Пипа а не за Пипита.