Незаборавниот момент на Суарез и раката со Гана од Светско 2010-та

И покрај силниот состав, Уругвајците се едно од поголемите разочарувања на Светското во Катар. После две кола имаат само 1 бод и -2 гол разлика. Денес играат против силната Гана која освои 3 бода и на која ѝ е доволен само бод за 1/8 финале.

Денес Гана и Уругвај во директен дуел ќе решаваат кој ќе оди во нокаут фаза. На Африканците им одговара и реми но само ако Јужна Кореја не ја победи Португалија со повеќе од два гола разлика.

Да се вратиме на нивниот претходен меѓусебен дуел на Светско првенство и тоа во четвртфинале на Мундијалот 2010 во Јужна Африка.

Тогаш Гана поведе 0-1 со гол на Мунтари во 45+2’ минута на истек на првиот дел. Израмни Диего Форлан во 55’ минута и резултатот до крајот не се менуваше.

Во продолженијата светот виде права лудница. Во 120+1’ минута Гана имаше неверојатен напад, топката имаше лет во небранета мрежа на Уругвај но во еден момент Луис Суарез реши да ја фати со рака и да спаси гол. Нормално доби директен црвен картон, и секој во таква ситуација би го сторил истото. Посебно во длабоки продолженија.

 

 

Суарез во свој стил се обидуваше да го изврти главниот судија од Португалија Олегарио Бенкеренса дека не играл со рака туку дека тоа бил неговиот соиграч Хорхе Фусиле („Во секој случај поради жолт картон го пропушташе следниот меч“, се правдаше Луис после дуелот).

Суарез при излегување кон соблекувалната се расплака и се обидуваше со дресот да ги крие солзите. Цената беше многу висока.

Пенал се спреми да изведува најдобриот шпиц на Гана, Азамоа Гијан. Се залета и ја погоди пречката... Какво олеснување за цел Уругвај.

До крајот на продолженијата немаше промени па се прејде кон пенал рулет. Јунак испадна Луис Суарез кој спаси чист гол на сметка да не игра во следниот меч.

Во тој момент неговата сопруга Софи седела пред телевизор во последен месец од бременоста. Ни најмалку не и требало тоа што се случуваше на мечот кој беше лудо емотивен.

Луис и се јавил на сопругата која плачела од возбуда а тој ја смирувал: „Полека, Софи, мирно, немој ќе се породиш. Морам да одам сега ќе почнат пеналите. А таму подобри беа неговите, Уругвајците кои беа попрецизни и заслужено се пласираа во полуфинале.

Уште полудо беше што решавачкиот пенал го изведе Себастијан Ел Локо Абреу и тоа со паненка. Рулет каков што ретко се памети на Светско првенство.

 

 

2 декември 2022 - 14:51