Неверојатен факт: Првиот пораз на Германија после 20 години ѝ го нанесе Македонија

Верувале или не, цели две децении германската фудбалска репрезентација во квалификации за Светско првенство немаше пораз, додека вечерва во Дуизбург не дојдоа Пандев и другарите.
 

Да прашате просечен Германец кога неговата фудбалска репрезентација последен пат почуствувала горчина на пораз на пат кон Светско првенство, сигурно би ви рекол дека заборавил.

Заборавил затоа што последен пат со спуштени глави во квалификации за Мундијал Германците излегле од терен на 1 септември 2001-ва година!

Цели 20 години „панцерите“ немаа пораз во квалификации откако изгубија од Гордиот Албион на „Олимпискиот стадион“ во Минхен. Од тогаш до 31 март 2021, Германија на 35 меча имала дури 30 победи, 5 нерешени и ниту еден пораз во квалификации за планетарен шампионат!

Им доаѓаа на нозе големи фудбалски велесили но сите го положуваа оружјето.

Сè додека после цели 20 години, вечерва во Дуизбург Македонија не одржа фудбалска лекција и ги совлада со 1:2. Со сигурност најголема победа во историјата на македонскиот спорт.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски освоија 3 бода со кои после 3 одиграни кола се втори на табела со 6 бода пред Германија која има исто толку но послаба гол разлика. Прва, неочекувано е Ерменија која има 9 бода но која уште не играла против Македонија ни Германија.

Со ваква атмосфера во репрезентацијата, со ваков неверојатен фудбал чуда се случуваат. На патот кон Мундијалот 2022 поминавме една огромна, можеби најголема препрека. Победа среде Германија 1:2!

31 март 2021 - 23:49