Во претходните четири кола од квалификациите за Мундијалот 2018 во Русија, најдобрите македонски фудбалери имаа игра, но немаа резултат. Конечно против аутсајдерот Лихтенштајн ги освоивме првите бодови.
Селекторот Игор Ангеловски очекувано, уште од стартот се одлучи за офанзивна формација со Пандев и Несторовски во нападот и Тричковски и Бесарт Ибраими како офанзивни крила. Со првата судиска свирка нашите фудбалери тргнаа во напад. Имавме дури 72% посед на топка и шансите се редеа од минута во минута.
После шест минути игра капитенот Пандев одигра двојно додавање со Бобан Николов, се обиде да пласира но голманот Петар Јеле го скроти ударот на Струмичанецот. Во 26’ минута нова сериозна прилика да го отвориме резултатот и тоа преку Стефан Спировски кој за малку беше непрецизен.
Во продолжение од мечот нашите фудбалери играа мошне разновидно, и со повеќе додавања се обидуваа да стигнат до водство. Ибраими и Пандев не ги реализираа своите шанси, но затоа Бобан Николов, фудбалерот на скопски Вардар со еврогол со волеј во 43’ минута го донесе посакуваното водство кое го симна товарот од грбот на репрезентативците на паузата.
Вториот дел започна со иста слика на теренот како и првиот. Македонија во целосна офанзива, а домаќинот со 9 на своето поле се трудеше да ја избива топката што подалеку од Јеле. Тоа го правеа до 63’ минута кога по еден фантастичен центаршут на Пандев, најдобриот македонски напаѓач Илија Несторовски со глава зголеми на 0-2.
После 10 минути „Нестогол“ со својот втор погодок на мечот зголеми на 0:3, а во самиот финиш не успеа да го реализира пеналот и да запише прв хет-трик во репрезентацијата. На крајот сосема заслужени 0:3 за избраниците на Ангеловски.
Во останатите натпревари од нашата група, Шпанија рутински со 4-1 го победи Израел, а Италија славеше 2:0 над Албанија во Палермо. Следниот натпревар нашите репрезентативци го играат на 11. јуни кога во Скопје доаѓа големата Шпанија.
#WCQ | GROUP G (EUROPE)
— #WCQ (@FIFAWorldCup) March 24, 2017
🇪🇸Spain 4-1 Israel🇮🇱
🇮🇹Italy 2-0 Albania🇦🇱
🇱🇮Liechtenstein 0-3 FYR Macedonia🇲🇰
ℹ️➡️https://t.co/AlgZ9U9Ycb pic.twitter.com/KoLZkIQXw6