Во летото 2018-та Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) се договорила со тогашниот селектор Хорхе Сампаоли за намалување на компензацијата за предвремен раскин на договорот од 12 на 2 милиони долари.
Фудбалската федерација на Аргентина со децении е заглибена во корупција, така што немале ни многу пари.
Еден месец по Светското првентво 2018 во Русија, привремен селектор на разнишаната Аргентина стана малку познатиот Лионел Скалони кој му беше помошник до тогаш на Сампаоли. А за нов помошник на в.д. селекторот беше назначен легендарниот Пабло Аимар.
Ваквото решение за Скалони (играше за Депортиво и после за Лацио од 2007 до 2013, 52 меча/1 гол), на некои им делувало смешно, несериозно.
„Во репрезентацијата на Аргентина е малиот Лионел Скалони кој не е ни крив ни должен што го назначија. Проблемот е во тоа што тој ќе се почуствува тренер и ќе сака да оди на Светско првентво. Со него може да се пласираме на Светско во мототрки, но не и по фудбал“, тогаш рекол Диего Марадона.
После една година, зборовите на Диего како да биле точни. За 11 меча Скалони користел 11 шеми и пробал 52 фудбалери!
После две кола на Копа Америка 2019, Аргентина ризикуваше да испадне од група, а камоли да помисли на некаква титула: изгубија 0:2 од Колумбија и едвај спасија 1:1 со Парагвај (Франко Армани одбрани пенал).
Скалони го повторил стартниот состав дури на 14-ти меч како селектор и решил да смени и формација. Тоа се случило во полуфиналето на Копа Америка, кога изгубија од Бразил 0:1.
Уште тогаш Лионел Скалони се обидувал максимално се да подреди на Меси. На Копа Америка 2019, Аргентина играше хибридна формација со премин од 4-3-3 во напад кон 4-4-2 во одбрана (како десно крило тогаш Џовани Ло Селсо му беше поддршка на Лео). Но главна варијанта им станал ромбот во кој Меси имал комплетна слобода покрај Агуеро и Лаутаро Мартинез.
АФА решила да потпише договор со Скалони до Светското 2022 и тој од в.д. станал прав селектор. Иницијатор на овој договор станал директорот на репрезентацијата Сезар Луис Меноти, селектор на Аргентина на легендарното Светско 1978 кога освоиле злато.
Меноти јавно го штител и бранел Скалони: „Ни Кројф, ниту Гвардиола денес не би можеле да ја сменат ситуацијата во репрезентацијата на Аргентина. Треба да се оцени развојот и да се спроведе целосна анализа, а не делумна, инаку тоа ќе биде грешка. Екипата практично нема можност да игра, излегува на терен, се појавуваат слаби точки зошто нема проект ни конкретен план на работа“.
Презентација на проектот Скалони имаше на Копа Америка 2021. Со голема улога на Ло Челсо кој овојпат играше на заедно со Лаутаро на крилни позиции а Меси беше во средина од нападот, Аргентина почна да покажува голема умешност. Плус во одличен ритам на средина на терен влезе и Де Пол кој го направи Меси максимално комфорен напред.
Лео немаше никакви дефанзивни обврски, доби слобода во напад со многу акции на саканата десна страна, соиграчи кои ги знаат своите улоги на двете половини од теренот.
Таа Копа Америка 2021 не беше само прв голем трофеј за Меси во репрезентацијата, туку и негов најдобар турнир откако е во неа од 2006-та.
Тоа беше воедно и прв трофеј на Скалони како тренер. Само што почна тренерска кариера.
„Многу сакам вертикален фудбал со брзо освојување топка и брзо создавање шанси. Верувам во праволиниски стил во кој играчите ќе разберат како правилно да го користат просторот зад грб на одбранбените играчи“, рекол Скалони на почеток на својата работа како селектор.
Вертикализацијата останала (пример е мечот со Саудиска Арабија на стартот на Светско 2022), брзо создавање шанси исто останала (пример е вториот гол против Франција во финалето), но морал да се прилагодува на други нешта.
„Оваа екипа е спремана така што Меси незадолжително работи на создавање шанси. Скалони смени се. Ние не владееме често со посед на топка, но кога го имаме, сме многу поопасни. И тоа е добро.
Селекотрот собра одбранбена линија која може да стигне до врвот. И тоа му помага на Меси зошто кога одбраната е во ред, цела екипа е во ред. Тимот не се состои од единаесет ѕвезди но има играчи кои се поддржуваат“, изјавил Серхио Агуеро пред Светското.
аметна игра без топка Аргентина прикажа во нокаут фазата. Во четвртфинале им препуштија посед на Холанѓаните („гаучосите“ беа на 40,5% во регуларното време), во полуфинале имаа 39,2% посед на топка со Хрватска.
Пред Светското, селекторот Скалони го изгуби омилениот играч и важен за тактиката - Џовани Ло Селсо. Во прво коло неверојатната серија од 36 меча без пораз ја прекина Саудиска Арабија (1:2).
Скалони морал да ротира и сега тоа му било уште поуспешно отколку на стартот на работата како селектор. Не му фали динамика и дисциплина, Ло Селсо беше успешно заменет од Макалистер. Се појави и Енцо Фернандез кој е откритие на првенството како централен играч во среден ред.
Хулиан Алварез и под голем притисок, на само 22 години се покажа како искусен центарфор кој со два гола и пресуди на Хрватска во полуфинале. Во одбраната доминираа столбовите Кристиан Ромеро и Лисандро Мартинез, како и ветераните Херман Пецела, Отаменди и Акуња.
Скалони прејде на Светсково од 4-4-2 на 4-3-3 фактички без шпиц (Лаутаро и Алварез се нудат во среден ред само при напад), со Холандија играше со тројца стопери, па се врати на 4-4-2, за да во финалето игра со хибрид каде во одбраната многу зависеше се од позицијата на Анхел Ди Марија кој го напаѓаше францускиот десен бек Жил Кунде.
Токму изборот Ди Марија да започне од старт беше полн погодок и тоа Анхел после долго време заигра на лево крило. На крајот од продолженијата Скалони во игра го внесе и Пауло Дибала кој до тој момент одигра само 16 минути во полуфиналето при резултат 3:0. Дибала постигна прекрасен гол во пенал-серијата, ладнокрвно и смирено и беше меѓу позаслужните за победата.
Интересно, Светското 1986-та влезе во историјата како турнир на Диего Марадона а не на селекторот Карлос Биљардо. Нема сомнеж дека Светското 2022 влезе во вечноста како триумф на Меси.
Сите статии, приказни и материјал е поврзан со Меси по триумфот на пенали во големото финале со Франција. И тоа е нормално затоа што најголемиот играч на сите времиња го допре златниот пехар кој го ловеше цели 16 години!
Патот на Скалони до успехот беше далеку пократок. За четири години колку што е селектор, освои Копа Америка 2021, но помина пат од хаотичен избор на состав и голем број кандидати до желба да направи максимално удобни услови за Меси.
На Марадона и Сампаоли тоа не им успеа. Диего дури не се ни трудеше да гради концепт околу Лео па пројдоа како пројдоа. Хорхе Сампаоли ја повтори истата грешка во 2018-та во Русија.
Скалони градеше околу Лео и на крајот испишаа најубава бајка. 44-годишниот Лионел Скалони кој во 2016-та беше помошник во Севиља, па помошник на клупата на Аргентина во 2017/2018, па в.д. селектор во 2018-та, конечно ги дочека своите пет минути. И тоа какви.
Тој ги држеше во себе сите емоции во текот на целиот Мундијал. Стискаше во себе, за да после решавачкиот пенал во финалето експлодира од радост.
Lionel Scaloni se metió en el selecto grupo de entrenadores campeones del mundo junto a Menotti y Bilardo. Llore tranquilo.pic.twitter.com/z1H118G1Bi
— Pablo Giralt (@giraltpablo) December 19, 2022
Нема ништо попостојано од времето. Времето ќе покаже. Сега е време на Скалони... А Меси? Тој е вон-временски.