25 декември 1937-ма. Стандардно божиќно коло во Премиер лигата, меѓутоа со нестандардни услови за игра. На островот се спуштила толку густа магла, што довело до одложување на многу натпревари. Еден од оние кои почнале било градското дерби Челси – Чарлтон.
Првиот дел на Стемфорд Бриџ бил интересен и неизвесен за гледање со по еден гол на двете страни. Но во еден момент видливоста на мечот била толку слаба, што гледачите тешко било да ја замислат играта, а не па да ја следат.
И покрај тоа што прст пред око не се гледало, судијата го означил стартот на второто полувреме. Само 10 минути подоцна толку од фудбалот и сите се вратиле во соблекувална. Всушност не сите.
Недостасувал голманот на Чарлтон, Сем Бартрам. Тој останал на голот, убеден дека неговиот тим постојано напаѓа. Во една таква тмурна атмосфера после 15 минути здогледал како му се приближува некоја силуета. Тоа било полицаец кој зачудено му се обратил.
„Еј ти, што правиш таму? Играта е прекината веќе 15 минути. Нема никој на терен“.
Сем, зачуден и засрамен се стрчал накај соблекувална, каде сите играчи го чекале да го исмејуваат. Епска и комична ситуација која и самиот ја има раскажано во својата автобиографија.
„Во тоа време бевме на врвот на табелата и затоа мислев дека го доминираме Челси. Бев убеден дека се случува опсада пред нивниот гол, бидејќи веќе некое време не видов никој на наша половина. Поминуваше време и без разлика што излегов надвор од нашиот шеснаесетник, не успеав да видам никој. Очигледно не сме дале ниту гол, бидејќи ќе забележев како некој трча на наша половина. Откако ми се приближи полицаецот ми стана јасно што се случува“.
Инаку Сем Бартрам се смета за еден од најдобрите играчи на Чарлтон во историјата кој 22 години не можел никој да му ја земе голманската позиција. Во 1947-ма го освоил ФА Купот, а починал во 1981-ва на 67 години.
Пет години после неговото пензионирање клубот одлучил сопствениот ресторан да го прекрсти во негова чест, а пред стадион му направија споменик.