Неколку детали го одбележија дуелот меѓу Олимпијакос и Марсеј. Гостите играа со црн флор на рацете во знак на сеќавање на Самуел Парти, наставникот кој беше убиен минатиот петок во Франција откако покажал слика од пророкот Мухамед на неговите ученици (убиец бил 18-годишен Чечен брзо уапсен од полицијата).
И покрај тоа што грчката Влада пред неколку дена реши да дозволи присуство на ограничен број на гледачи на стадионите, по растот на бројот на позитивни случаи во Грција, премиерот одново забранил публика на трибините, па на „Јоргос Караискаки“ се играше без гледачи.
ЈУНАК БЕШЕ ЕДЕН НЕ МНОГУ ПОЗНАТ ЕГИПЌАНЕЦ
Херој на вечерта за домашните беше Ахмед Хасан - Кока.
Тој е најдобар другар на Мохамед Салах со кого играат за Египет уште од У20. Од почетокот на сезонава Кока има повеќе голови од неговиот другар од Ливерпул.
Синоќа Кока влезе во игра во самиот финиш во 84' минута, а во 90+1' го реши мечот со супер гол на асистенција на Валбуена.
Голот му бил важен и од друга причина: пред точно 5 години починал татко му. После голот Кока го извади црниот флор кој го носел на дресот, го бакна и крена раце кон небото.
„Знам дека ме гледаш од горе, знам дека си во подобро место. Толку многу ми фалиш“, напишал Кока.
Необично, пред точно 5 години кога татко му починал, Кока следниот ден играл за Брага и постигнал гол. Знаете против кого? Против Марсеј.
21/10/2015 exactly 5 years ago that my beloved father passed away ... i know you are watching me from up there , i know you are in a better place , i miss you so much , may you rest in peace my everything. pic.twitter.com/rztNwJIAlg
— Ahmed Hassan Kouka (@HassanKouka) October 21, 2020
ВАЛБУЕНА НА СТАРИ ГОДИНИ ДРЖИ ПРЕДАВАЊА ЗА ФУДБАЛ
Играч на мечот според L'Equipe, синоќа беше прогласен 36-годишниот Матје Валбуена, францускиот ветеран кој со голем успех играше за Марсеј, а сега веќе пар сезони е член на Олимпијакос.
Валбуена одигра сјаен меч: имал најголем посед на топка од сите играчи на теренот, најмногу шутирал од сите и имал најмногу успешни додавања и дриблинзи.
„Ова беше многу посебен меч за мене. Многу посебен. Не беше лесно да се игра со Марсеј во Лига на шампиони, но кога излегувам на терен веќе сум играч на Олимпијакос. Ми успеа да одиграм добар меч и да го решам мечот. Можев да решам се многу порано, но Манданда имаше неколку добри одбрани. Имам измешани емоции во срцето, но среќен сум за Олимпијакос, мислам дека заслуживме да победиме“, изјави Валбуена после мечот.