И покрај тоа што го сменија тренерот во текот на сезонава, Баварците предводени од Ханс-Дитер Флик заиграа неверојатно и имаат мошне доминантна сезона.
Минатата сезона Баерн Минхен судбината на титулата ја реши во последниот ден од Бундеслигата, а во сезоната 2017/2018 на пет кола до крајот.
Рекордот на најбрзо освоена шампионска титула го држи Баерн од 2013-та кога со Јуп Хајнкес од клупата станаа прваци на цели 6 кола до крајот од Бундес.
Ова е 30-та титула за Баерн Минхен во Германија. Првата ја освоиле во далечната 1932, десеттата во 1987-ма (после три по ред), дваесеттата во 2006-та, а за нова „десетка“ им требаа севкупно 14 сезони.
Во тие 14 сезони Баерн знаеше и да заврши четврти (2007-ма), трет (2011-та) и втор (2009 и 2012).
Решавачкиот триумф за титулата против Вердер Бремен беше по дождливо време, без гледачи поради мерките преземени од Бундеслигата. Баерн веќе еднаш освои титула во Бремен и тоа во 2000-та. Интересно и тогаш, и сега за Вердер играше Клаудио Пизаро.
Баварскиот гигант освоил 29 од 57 титули од основањето на Бундеслигата (основана во 1963-та). Повеќе од сите други клубови вкупно кои заедно имаат 28 шампионски пехари.
Баерн до титулата стигна со 14 победи по ред и гол разлика 40:9! Во меѓувреме Левандовски и другарите се пласираа во финалето на Купот на Германија и го згромија Челси на гости во првиот меч во Лига на шампиони. Немаат пораз 23 меча во сите натпреварувања.
Главен јунак сезонава е тренерот Ханс-Дитер Флик. Германскиот стручњак лани во јули беше помошник на Ковач, а веќе во октомври лани после страшниот дебакл 5:1 од Ајнтрахт Франкфурт го замени отпуштениот Хрват. На 3 ноември стана в.д тренер, на 9-ти ноември ја прегази Борусија Дортмунд со 4:0 а после една недела го поставија за постојан тренер.
Со Флик во 22 кола од Бундеслигата Баерн Минхен има само 1 нерешена и 2 порази - последен пат изгубија на 7 декември лани од Борусија Менхенгладбах (2:1).
Роберт Левандовски ја игра најефикасната сезона во Баерн за цели 6 години. 31-годишниот Полјак веќе ги сруши рекордите по број на голови: постигна 46 погодоци на 40 меча сезонава! Претходниот сезонски рекорд му беше од 2016/2017 кога на 47 средби даде 43 гола.
Левандовски ја брка наградата „Златна копачка“ за најдобар стрелец во Европа. Тој го сруши и личниот рекорд во Бундеслига, досега не надмина 30 гола а сега веќе има 31 на свое конто.