Не ни требаат шеици за да го сакаме клубот - бајката Виљареал, клуб кој го прави среќен цел град

Мал, симпатичен град, обединет околу „жолтата подморница“, симбол на регионот Кастељеон. Клуб кој го прави среќен и горд секој жител на Виљареал.

„Не го избрав јас Виљареал, туку тој мене“, така бизнисменот Фернандо Роиг го опишал настанот од 1997-ма година кога го сменил животот на целиот град.

Тогаш претходниот сопственик на најжолтиот клуб на планетата неодложно барал некој купец за да го продаде клубот.

Во пресрет на Божиќ 1996-та паднал многу интересен договор со сопственикот на тв каналот Antena 3, а Виљареал, тогаш заглавен во втора лига Сегунда, не ни помислувал што ќе се случи понатаму.

Тогаш локалниот бизнисмен Фернандо Роиг, сопственик на најголемата керамичка компанија во Шпанија (Pamesa, во 2019-та година половина од приходите од 700 милиони евра биле од извоз) и брат на сопственикот на најмоќниот ланец супермаркети во Шпанија, Mercadona решил да го купи фудбалскиот клуб Виљареал.

Роиг имал голема желба да му подари на градот нешто убаво, така што поубава варијанта за двете страни немало.

За светла иднина на Виљареал Роиг вложил 72 милиони пезети и иако сумата звучи голема, сепак во евра тоа било околу 432.000, но сосема доволно клубот да застане на нозе, да закрепне.

Во Виљареал немало практично ништо освен место во втора лига Сегунда. Дури и документите за зделката на 15 мај 1997-ма година биле потпишани во локален бар а не во канцеларии на клубот.

„Добив клуб со дологви. Фактички таму беше само генералниот менаџер Хозе Љанеза и куцачка машина. Немаше база за тренинзи ни комплекс. На стадион доаѓаа по три илјади луѓе, од кои 1.000 беа пензионери кои добиваа карти бесплатно од градската администрација“, се сеќава претседателот на Виљареал Фернандо Роиг на почетоците.

„А сега имаме по 22.000 луѓе во просек. Ние сме уникатен клуб, нашиот пример треба да се изучува на универзитети“, додава Хозе Љанеза, човек кој и после 25 години е верен на клубот и работи во управата. 

Историјата на формирање на Виљареал во сериозен клуб звучи навистина како бајка за изучување на универзитети. Роиг од првиот ден инсистирал да го модернизира и прошири стадионот, да изгради јака академија за локалните деца кои тука би тренирале и да стигне до елитната Ла Лиг во првите три години.

РОИГ МУ ПОДАРИЛ НА КЛУБОТ И НАВИВАЧИТЕ ПРЕКРАСЕН СТАДИОН, ДВА ТРЕНИНГ ЦЕНТРИ И ГОЛЕМА АКАДЕМИЈА

Иако планот бил за три години да се искачи во богатото друштво, Виљареал под водство на новиот сопственик Фернандо Роиг уште во летото 1998-ма година се нашол во иста лига со Реал Мадрид и Барселона.

За волја на вистината брзо испаднале во сезоната но подоцна се вратиле и од тогаш се практично секогаш во Ла Лига.

„Не сакав никаква импровизација. Стадионот беше многу мал па ние практично секоја меѓу сезона го менувавме и дојдовме до капацитет од 25.000 гледачи (повеќе нема да го шират од чисто демокграфски причини, во градот живеат повеќе од 50.000 жители).

Јас собирав пари од основниот бизнис и ги давав во клубот. Опсесивна идеја ми беше сопствена тренинг база. Брзо изградивме спортски град, а со тек на време и втор, па така настана голема академија во која ги собираме најдобрите играчи од Кастељеон“, вели газдата на Виљареал, Роиг. 

„Дури осум од шеснаесет играчи кои играа во полуфиналето на Лига Европа 2020/2021 против Арсенал поминаа низ нашата академија (Гаспар, Тригерос, Морено, Пау Торес, Гомез, Чуквуезе, Педраса, Пино), се гордее одговорниот за спортскиот сектор, директорот Љанес. Многумина од нив поминаа повеќе од десет години тука со нас“.

Во „жолтата подморница“ каков што е прекарот на Виљареал често зборуваат за компакност и блискост.

Роиг доаѓа во тренинг базата и често разговара со младите играчи а тие се сите деца на жители од градот. Во клубот од 2004-та година дејствува програмата Endavant (така во провинцијата Кастељеон викаат за „Напред!“), која им помага на навивачите со разни проблеми.

„Нашите деца од академијата одат кај пензионерите, го посетуваат навивачите со физички или ментални проблеми. Тоа е исто дел од образовниот програм. Нам животот не ни се ограничува на фудбал“, додава Љанес.

 Во град со 51.000 жители секоја година Виљареал продава 17-20.000 сезонски карти што е прав феномен. А кога после кризата во 2008-ма дел од навивачите останале без работа, Виљареал бесплатно им давал сезонски карти.

„Ние сме должни да ги поддржуваме своите. Во нашиот регион се произведува 90 проценти од шпанската керамика, а прометот падна на пола за една година. Така што многу луѓе останаа без работа а ние како клуб сме должних да бидеме тука за нив“, раскажува претседателот на Виљареал.

За време на кризата Роиг не користел државни достапни субвенции.

„Јавните средства не требаше да одат во фудбалот. Постојат и други социјални приоритети па одбивме. Кој згрешил треба да ја изгуби парата. Јас верувам во слободен пазар“.

„Јас никогаш не се нарекувам газда на Виљареал. Јас сум сопственик на керамичката компанија Pamesa, а во фудбалот сум просто раководен менаџер. Сопственици на клубот се тие 18.000 навивачи со сезонски карти и уште 30.000 кои гледаат од дома. Виљареал е за чувства. А за чувствата на тие илјадници луе кои се сметаат себе за „жолти“, не може да има газда. Моја задача, задача на мојата екипа (син му Фернандо и директорот Љанес) е да држиме економски баланс“.

ЗА СПАС НА ВИЉАРЕАЛ РОИГ ПРОДАЛ АКЦИИ ОД СЕМЕЈНИОТ СУПЕРМАРКЕТ

Уште од првиот ден, Роиг вложил во Виљареал најмалку 200 милиони евра. Околу 50 милиони отишле на реновирање и модернизација на стадионот кој од „Ел Мадригал“ се преименува во „Естадио де ла Серамика“. Тоа не била реклама и маркетиншки потег на Роиг туку цела една филозофија.

Виљареал одамна сака да биде претставник на цел регион Кастељон во шпанскиот спорт а како што во регионот каде се наоѓа Виљареал има производство на дури 90% од целата керамика за цела Шпанија, Роиг сакал да ги обедини сите околу фудбалот. Дури и конкурентите.

На фасадите на стадионот покрај името на Pamesa стојат и натписи на уште 7 други компании кои помагаат.

Но тоа било пред десетина години. А во последните неколку сезони, претседателот Роиг се решил да испумпа уште повеќе средства со надеж дека ќе ги стигне богатите конкуренти од Ла Лига и брзо ќе ги повтори успесите во Лига на шампиони. Бил сигурен дека ќе успеат.

Но во 2012 Виљареал испадна од Ла Лига. Првпат после цели 12 сезони. Фернандо Роиг плачел а навивачите му аплаудирале и го бодреле зошто во најтешки времиња земал одговорност на свој грб и бил спремен да го направи клубот супермодерен.

„Се пресметавме. Згрешив со проценката на договорот за тв права, ги потрошивме сите пари на составот на тимот и тоа донесе економска нерамнотежа. Морав да се збогувам со дел од мојата состојба за да ги згаснам долговите“, се сеќава Роиг.

По испаѓањето, Фернандо продал 2,5% од акциите на супермаркетот Mercadona кој го водел неговиот роден брат. Браќата растенеле во семејство на месари и од деца биле запознаени како се водат фирми, но Хуан РОиг не сакал само да тргоува, тој постојано следел што има ново на пазарот и прв вовел новитети (така во Шпанија првпат се појавиле бар-код читачи, а тој цело време ѕиркал како работат акциите на намалување во американскиот Волмарт во 1993. година).

Дисциплината и разумното трошење се вратиле во Виљареал. Роиг веќе не сакал да продава акции од бизнисот за да го одржува тимто во живот.

„Сега трошиме само тоа што сами ќе го заработиме, а притоа сме задоволни со резултатите. Имаме здрав клуб, нема веќе неодржливи долгови, располагаме отприлика со 7-от буџет во Ла Лига, повеќе од 100 милиони евра“, вели Роиг.

Во последните пет години трансфер балансот на Виљареал според официјални податоци бил 16 милиони евра (во мај 2021-ва).

„Жолтата подморница“ често игра во самата завршница на најголемите европкупови и од таму имаат приходи. Во 2020/2021 освоија шампионски пехар во Лига Европа откако на пенали го совладаа Манчестер Јунајтед во големото финале.

„Ве уверувам дека за Виљареал најважно е да игра во Примера. За нас тоа е поважно од која било титула зошто место во Топ-17 во Ла Лига и периодичен настап во еврокупови е најважно. Опстоиме во група со оперативен буџет од 75 до 100 милиони евра а за постојана борба за титулата ти требаат до 300 милиони, некои клубови премашуваат и 500 милиони евра. Затоа Виљареал е финансиски стабилен а после неколку години оваа ситуација ќе може да го приближи нашиот клуб до уште поголема борба“, рекол Роиг во 2021-ва година.

Еднаш го прашале дали ако му дојдат шеици со богата понуда би го продал клубот, би заработил многу пари и спокојно би се занимавал со бизнис, тој рекол:

„Не би го продал Виљареал на шеик, како што не би го продал дури ни на син ми. Многу сакам да ги видам навивачите задоволни, жителите на градот задоволни. Не би го продал клубот ни за 500 милиони евра зошто ова не е бизнис. Чувствата не се продаваат“, заклучува Роиг, првиот човек во Виљареал.

„Жолтата подморница“ во реваншот од осминафиналето на Лига на шампиони го растури Јувентус на гости со убедливи 0-3 и уште еднаш ги израдува своите навивачи кои сега ќе го чекаат името на ривалот во четвртфинале. Градот никогаш не бил посреќен како во последните десетина години.

 

17 март 2022 - 12:57