Навивачот на малиот Плимут што видел две победи над Ливерпул за 69 години

Два дена откако последнопласираниот тим во втора англиска лига Плимут Аргајл забележа една од најголемите победи во клупската историја и го урна лидерот во Лига на шампиони и Премиер лига Ливерпул, една интересна приказна се појави токму за навивач на овој клуб.

Плимут Аргајл со 1-0 го победи Ливерпул и се пласираше во осминафинале на големиот ФА Куп. На тој начин црвените останаа без сонот за квадрипул односно четири трофеи сезонава.

Додека наследникот на Вејн Руни на клупата на Плимут Аргајл, Мирон Муслиќ со својот тим направи филмска сензација, еден навивач на симпатичното стадионче „Хоум Парк“ го премотувал филмот 69 години наназад кога во 1956-та година Плимут го совладал исто големиот и славен Ливерпул.

Тогаш се случило во втората лига, а Ливерпул тогаш можеби бил далеку од оној статус кој го има денес како еден од најголемите и најтрофејни светски клубови, но веќе тогаш црвените имале дури пет шампионски трофеи.

Тој човек е 82-годишниот Џед Грифитс. Во растојание од речиси седум децении, 69 години подоцна сведочеше нова победа на неговиот Плимут над Ливерпул.

„Немаше седишта во тоа време. Бевме спроти главната трибини... Висевме од оградата со цел да имаме што подобар поглед на теренот. Тие тогаш беа едни од најпознатитек лубови во земјата и сите во Плимут сакаа да го гледаат тој натпревар. Имаше 27.000 луѓе на стадионот“, вели 82-годишниот Грифитс за Гардијан.

Дедо Грифитс за Гардијан раскажувал и за тогашните играчи на малиот Плимут Аргајл кого гордо го сакаат мештаните на истоименото место. Раскажал и за легендите на Ливерпул како Џеф Твентимен кој подоцна како скаут на црвените ги пронашол големите таленти Јан Раш, Фил Нил и Алан Хансен.

За неделната историска победа над можеби најсилниот клуб во Европа досега сезонава, Грифитс вели:

„Ни под точка разно не очекував победа! Се што сакав е да дадеме еден гол, па макар изгубиле и 6:1. Можам само да ви кажам, вау!“

Блеснаа голманот Конор Хазар од Северна Ирски како и стоперот Никола Катиќ кој игра за репрезентацијата на БиХ. Тренерот Муслиќ ќе има многу тешка задача да обезбеди опстанок во втора лига што ќе биде речиси тешко изводливо со оглед на тоа што Плимут е убедливо последен.

„Тој (Муслиќ) е така мирен, фокусиран, веднаш остави впечаток“, вели Грифитс и додава дека тренерот на Ливерпул Арне Слот го потценил ривалот што ставил толку резерви и младинци од почеток на мечот во тимот.

Не играа Салах, Мекалистер, Гакпо, Ван Дајк и други.

„Тоа беше непочит кон нас, а тие очигледно не напишале домашна задача. Мораа да знаат дека имаме нов тренер кој донесе двајца сјајни одбранбени играчи. Муслиќ ја затегна екипата. Очигледно дека во Ливерпул не го сфатија тоа. Беше потценувачки што не дојдоа во полн состав“.

Плимут Аргајл е најголемо изненадување сезонава во Англија. Го елиминираше прволигашот Брентфорд, па потоа Ливерпул а сега на ждрепка им падна и шампионот Манчестер Сити. Ќе пробаат да направат уште едно филмско чудо.

Дедо Грифитс тогаш сигурно ќе биде пак на стадионот. Вели дека се надева дека неговио тим ќе може да даде само еден гол против големиот шампион, па што биде нека биде...

Шок за Ливерпул во ФА Купот, испадна од последниот второлигаш

11 февруари 2025 - 12:24