Навивачите на Унион Берлин уште еднаш покажаа дека тоа не е само обичен фудбалски клуб. „Железниот" Унион како што го викаат навивачите, денес заедно со Сент Паули се најкултните клубови за кои зачувувањето на идентитетот е поважен од резултатскиот успех.
Пред девет години навивачите организираа акција „Крвари за Унион" за да го спасат клубот од банкрот за долг од два милиони евра со пари собрани од давање крв (во Германија се добиваат пари за давање крв).
Во 2008-та година околу 2.400 навивачи работеа 300 денови на реновирањето на стадионот. Многумина од нив ги жртвуваа своите годишни одмори и секако не добија пари за својата работа на стадионот, но доволна им беше сатисфакцијата што нивниот клуб има реновиран стадион кој ја доби лиценцата за настап во втората лига.
Унион Берлин успешно опстојува и покрај тоа што клубот е управуван од навивачите. Претседателот на клубот се уште патува на гостувања, но ги одбива поканите да седи во ВИП ложите и натпреварите ги следи заедно со останатите навивачи на гостинската трибина.
Стадионот кој навивачите сами го реновираа има капацитет за 16.750 гледачи и е исполнет на секој натпревар, а уште еднаш се преполни во понеделникот и покрај тоа што немаше натпревар.
Исто како и минатите 10 години, навивачите се собираат на својот стадион пред Божиќ за да си ги честитаат празниците и да пеат божиќни песни. Првата година се собрале само 89 навивачи, а во неделата 27.500 ја продолжија традицијата. Оваа година уште илјада морале да бидат вратени затоа што стадионот и теренот биле преполни.
Велат дека за божиќните празници семејствата се собираат во своите домови. За навивачите на Унион Берлин, клуб е нивното големо семејство, а стадионот е нивниот втор дом.