Унион Берлин не е само обичен фудбалски клуб. Малиот тим кој во минатото беше во сенка на соседниот клуб спонзориран од тајната полиција, Динамо Берлин, сега опстојува во германската втора Бундеслига и тоа благодарение на своите навивачи.
Во 2004-та година на клубот итно му беа потребни 2 милиони евра за да избегне банкрот. Навивачите тогаш организираа акција „Крвари за Унион", со која парите собрани од давањето крв (во Германија се добиваат пари за давање крв), ги донираа во Унион Берлин и го спасија својот клуб.
Пред 4 години околу 2.400 навивачи 300 денови работеа на реновирањето на стадионот. Многумина од нив ги жртвуваа своите годишни одмори и секако не добија пари за својата работа на стадионот, но доволна им беше сатисфакцијата што нивниот клуб има реновиран стадион кој ја доби лиценцата за настап во втората лига.
Во поранешната Источна Германија, клубот бил во сенка на градскиот ривал Динамо Берлин кој бил спонзориран од тајната полиција Штази, а Унион Берлин имал репутација на прозападно ориентиран, а навивачите биле против-режимски настроени. Германија сега е обединета, но се уште се чувствуваат последиците. Во првата германска Бундеслига нема ниту еде клуб од поранешната Источна Германија.
Една од причините за тоа е фактот што за разлика од западните, овие клубови не добиваат финансиска помош од локалната власт. Сепак Унион Берлин успешно опстојува и покрај тоа што клубот е управуван од навивачите. Претседателот на клубот се уште патува на гостувања, но ги одбива поканите да седи во ВИП ложите и натпреварите ги следи заедно со останатите навивачи на гостинската трибина.
Стадионот кој навивачите сами го реновираа во 2008-та година има капацитет за 16.750 гледачи и е исполнет на секој натпревар. А уште еднаш се преполни и во неделата и покрај тоа што немаше натпревар.
По јубилеен 10-ти пат навивачите се собираат на својот стадион пред Божиќ за да си ги честитаат празниците и да пеат божиќни песни. Првата година се собрале само 89 навивачи, а во неделата 22.500 ја продолжија традицијата.
Велат дека за божиќните празници семејствата се собираат во своите домови, а навивачите на Унион Берлин својот клуб го доживуваат како едно големо семејство, а стадионот е нивниот втор дом.